Шекеринска, Димитров и Маричиќ ги брифирале дипломатите дека се за брзи избори во јуни
На брифингот учествувале амбасадори и претставници на амбасадите на државите членки на ЕУ, Обединетото Кралство, САД, ЕУ и ОБСЕ.
Заменик-претседателката на СДСМРадмила Шекеринска, членот на ИО Рената Дескоска, меѓународниот секретар на партијата Бојан Маричиќ и носителот на кандидатската листа во ИЕ1 Никола Димитров, во партиското седиште ги брифирале дипломатите за мерките кои се преземаат за справување со пандемијата и организација на предвремени парламентарни избори во најскоро можен рок, соопшти СДСМ.
На брифингот учествувале амбасадори и претставници на амбасадите на државите членки на ЕУ, Обединетото Кралство, САД, ЕУ и ОБСЕ.
-Нашите претставници истакнаа дека за СДСМ остануваат приоритетите за заштита на здравјето на граѓаните, рестартирање на новата македонска економија, зајакнување на демократијата и демократските институции. Претставниците на СДСМ ги запознаа дипломатите со напорите за справување со кризата и за планот за нормализација на животот во државата согласно новите услови.
Одговорно пред сѐ за здравјето на граѓаните, економијата и демократијата е изборите да се одржат во првиот можен рок, пред новиот бран од коронавирусот наесен кој треба да го дочекаме целосно подготвени, со Собрание и влада со полн легитимитет – велат од партијата.
Партиските функционери укажале на цврстата определба да се почитуваат уставот и законите и да се одржат изборите согласно роковите од 22 дена по завршување на вонредната состојба.