ШЕФОТ НА ГЕРМАНСКАТА ДИПЛОМАТИЈА БАРА ДА СЕ УКИНЕ ВЕТОТО ВО ЕУ Решението е одлучување со квалификувано мнозинство
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул повика Европската унија што поскоро да се откаже од принципот на едногласност во надворешната и безбедносната политика. Според него, блокадите од поединечни земји-членки ја загрозуваат способноста на ЕУ да реагира брзо во кризни ситуации и да делува како силен меѓународен актер, известува Дојче Веле.
Јохан Вадефул нагласи дека искуствата од последните недели, особено во врска со помошта за Украина и санкциите против Русија, покажуваат дека сегашниот модел не функционира доволно брзо.
„Поддржувам систем на квалификувано мнозинство во ЕУ. Сите случувања поврзани со Украина и мерките против Русија потврдуваат дека е време за промени“, истакна тој.
Во Советот на ЕУ моментално постојат два модела на гласање. Во чувствителни области, како заедничката надворешна и безбедносна политика, важи принципот на едногласност – односно едно единствено вето го блокира целиот процес. Наспроти тоа, квалификуваното мнозинство – засновано на т.н. „двојно мнозинство“ – веќе се применува во голем број други области. За да помине одлука, потребно е најмалку 55% од земјите-членки (15 држави) кои претставуваат најмалку 65% од населението на ЕУ.
Иако една земја може да гласа „против“, Советот сепак останува функционален – нешто што, според поддржувачите на реформата, би ја засилило способноста на Унијата да реагира навремено.
Повеќе министри за надворешни работи на ЕУ и во минатото повикуваа на поголема употреба на квалификуваното мнозинство, меѓу нив и поранешната германска министерка Аналена Бербок.
Актуелниот пример што ја интензивира дебатата е Унгарија, која под водство на премиерот Виктор Орбан го блокира 90-милијардниот кредит за Украина. Орбан ја обвинува Украина дека го попречува обновувањето на руските испораки на нафта преку нафтоводот „Дружба“, додека критичарите тврдат дека станува збор за предизборна тактика.