Шеќеринска во НАТО, или – македонски час по државничка зрелост и политичка култура
Во случајот на кандидатурата на Шеќеринска за заменичка на генсекот на НАТО, македонските политичари покажаа дека единството и почитувањето на политичката конкуренција се врвни европски вредности.
Бугарските медиуми со неверица и со видливо разочарување, а некои и со кисели и зајадливи коментари, ја дочекаа одлуката на Брисел заменичка на генералниот секретар на НАТО Марк Руте да биде Радмила Шеќеринска од Македонија.
На Бугарите никако не им влегува во глава како тоа Руте се определил за „поранешната“ македонска министерка, наспроти бугарската фаворитка Марија Габриел, која наводно имала многу посилни референци од Шеќеринска.
Ништо не е така, се разбира, но кој досега успеал во полемика со Бугарите да излезе во право?
Попусто е да се расправа за мотивите и за „логиката“ на некои луѓе кои не можат да се помират со тоа Македонија или било кој Македонец да добие признание и доверба од НАТО и од ЕУ. Едноставно, тоа се тие „европејци“ што постојано нè малтретираат со уцени и со политика на вето и што нема да престанат да го прават тоа и во иднина.
За нас сепак е најважно тоа што во случајот на кандидатурата на сега веќе новата заменичка на генералниот секретар на НАТО, Радмила Шеќеринска, политичарите во Македонија демонстрираа зрелост, одговорност, единство и високо ниво на политичка култура.
Освен со сопствените неспорни квалитети и референци, како политичарка со огромен придонес во процесот на интегрирање на Македонија во западната политичка хемисфера, Шеќеринска за новата позиција се натпреваруваше поддржана од новата влада на чело со Христијан Мицкоски. Тој доби комплименти за ставот на Владата, бидејќи ваква поддршка за репрезент на политичката конкуренција, во услови на длабоки политички поделби и конфликти во општеството, е нешто што ретко се гледа, не само на македонската политичка сцена.
Македонија овој пат на дело покажа што се тоа европски вредности и европско поведение во вистинска смисла на зборот.
На Радмила Шеќеринска и посакувам успех на новата должност, со која таа ќе ја круниса својата политичка кариера. Во неа имаше и успони и падови, но сепак, крајот делото го краси.