ШАНСА ЗА УКРАИНА, ТРОЈНА СРЕДБА ВО АБУ ДАБИ Путин не се откажува од окупираните региони
Путин му рекол на пратеникот на американскиот претседател, Стив Виткоф, дека траен мир не е можен доколку не се решат територијалните прашања. Рускиот претседател нагласил дека Русија е „искрено заинтересирана“ за дипломатско решение.
Русија соопшти дека денеска ќе одржи безбедносни преговори со САД и Украина во Абу Даби. Руската делегација ќе ја предводи адмиралот Игор Костјуков, додека рускиот пратеник Кирил Димитриев ќе оствари средба со Стив Виткоф, пратеникот на претседателот Доналд Трамп.
Соопштението доаѓа по дониот ноќен состанок на претседателот Владимир Путин со американските дипломати.
Путин му рекол на пратеникот на американскиот претседател, Стив Виткоф, дека траен мир не е можен доколку не се решат територијалните прашања.
Советникот на Кремљ за надворешна политика, Јуриј Ушаков, изјави дека состанокот, кој почнал малку пред полноќ и траел речиси четири часа, бил корисен и исклучително искрен. На состанокот сепак не е постигнат голем исчекор, пренесуваат светските медиуми.
– Најважно е што за време на овој состанок меѓу нашиот претседател и Американците повторно беше утврдено дека без решавање на територијалното прашање според формулата договорена во Анкориџ, нема надеж за остварување на долгорочен договор – рече Ушаков, мислејќи на минатогодишниот самит на Трамп и Путин на Алјаска.
Путин нагласил дека Русија е „искрено заинтересирана“ за дипломатско решение, рече Ушаков.
– Додека тоа не се постигне, Русија ќе продолжи континуирано да вложува напори во остварувањето на целите на специјалната воена операција. Тоа особено се однесува на боиштето, каде руските воени сили имаат стратешка предност – истакна советникот.
Двете страни разговарале и за предлозите на Трамп за Гренланд и за Одборот за мир, рече Ушаков, додавајќи дека Русија е подготвена на одборот на Трамп да му донира милијарда долари од замрзнатите руски средства во САД.
Советникот на Путин кажа и дека американските претставници со руската страна ги споделиле своите впечатоци од состанокот на американскиот претседател Доналд Трамп со украинскиот лидер Володимир Зеленски во Давос, на кој учествувале и Виткоф и Кушнер.
Од руска страна на состанокот учествуваа Путин, Ушаков и Дмитриев.
Од американска страна беа Виткоф, Џаред Кушнер и Џош Груенбаум, кој претседателот Доналд Трамп неодамна го именуваше за висок советник на Одборот за мир за Газа.