ШАНСА ЗА ЦЕНТАР ВО ОДБРАНА НА БЕЛЧЕВА Парцелата на Водно никогаш не била во нејзина сопственост
Посочената парцела никогаш не била во нејзина лична сопственост, ниту во нејзиниот мандат претрпела било какви промени на параметрите за градба. Од пред пандемијата парцелата е во сопственост на трети лица, се наведува во реакцијата на Шанса за Центар.
Oбвинувањата на дел од жителите на Ново Маало насочени кон Јана Белчева ги сметамe за крајно тенденциозни, лажни и поттикнати од други субјекти, кои манипулираат и со системот и со засегнатите жители на Ново Маало, реагираат од Шанса за Центар откако денеска жителите на Ново Маало обелоденија дека на парцела на мајката на Белчева на Водно ќе се гради објект од 1000 метри кввадратни.
„Таа нема апсолутно ништо со посочената парцела која спаѓа во ДУП донесен во 2013, а во време кога немала мандат во Советот. Овој план не спаѓа во плановите кои биле под мораториум донесен по основ за неусогласеност со ГУП 2012, и по направена анализа од стручна комисија на општината. Посочената парцела никогаш не била во нејзина лична сопственост, ниту во нејзиниот мандат претрпела било какви промени на параметрите за градба. Од пред пандемијата парцелата е во сопственост на трети лица“, се наведува во реакцијата на Шанса за Центар.
Оттаму велат дека ставовите на Белчева Андреевска се ставови на сите нив, а индивидуализирањето на нападите го сметаат за крајно недолично.