ШАЛТЕРИТЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ ЌЕ ГИ ЗАМЕНАТ Е-КЛИК И Е-САНДАЧЕ Државата го олеснува пристапот до документите и плаќањето за нивно добивање
Системот овозможува нотификации во реално време, побрза достава без чекање, следење на статуси на предмети и поефикасна административна комуникација.
Министерството за дигитална трансформација денеска промовира две дигитални алатки – терминалите за услуги (е-Киоск) и каналот за комуникација со државата (е- Сандаче) – кои ќе им помогнат на граѓаните полесно да ги платат обврските и да дојдат до саканиот документ од државните институции.
Терминалите за услуги (е-Киоск) ќе бидат поставени на фреквентни локации низ државата и ќе да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, прилагодени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини.
Преку е-Киоск, граѓаните ќе можат да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да извршат плаќање и да го добијат документот веднаш – испечатен на самиот терминал.
Терминалите се особено значајни за рурални средини, повозрасни лица, граѓани без постојан интернет-пристап и општини со ограничени административни капацитети.
Каналот за комуникација со државните институции е-Сандачето, пак, претставува официјален, безбеден и правно валиден канал за комуникација меѓу институциите и граѓаните – централизирано место за прием на службени документи, решенија, известувања и други акти со доказ за прием.
– Важно е да се нагласи: е-Сандачето не е обична електронска пошта – потенцираше министерот Андоновски.
Системот овозможува нотификации во реално време, побрза достава без чекање, следење на статуси на предмети и поефикасна административна комуникација.
Министерот Стефан Андоновски нагласи дека со досегашната дигитализација на услуги, Документ-менаџмент систем во голем број институции, интероперабилност, како и со е-Сандачето и Терминалите за услуги, државата води конкретна и мерлива имплементација на дигиталната трансформација – со цел ефикасна, достапна и европска дигитална држава.