Шахпаска: Ем двојна дневница, ем слободен ден за оние што ќе работат во недела
Предвидени се и казни за оние кои ќе го прекршат законот за работни односи, а предвидена е времена забрана од 15 дена за вршење на дејност и ќе им се издаде прекршочен платен налог - рече министерката.
На денешната прес-конференцијата министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска рече дека предлог измената на Законот за работни односи за недела, ден на неделен одмор, претставува врвна придобивка, а имплементацијата започнува од 1 октомври оваа година.
– Ова е еден од предусловите за генерирање задоволство кај работниците, што понатаму обезбедува нивна поголема продуктивност. Ова законско решение значи воспоставување на рамнотежа помеѓу професионалниот и приватниот живот на работникот – објасни министерката.
Таа додаде дека уште позначајно е што законското решение е изработено со учество на сите партнери во социјалниот дијалог, заедно со претставници на работниците преку синдикатите и на работодавачите.
– Законот предвидува недела да биде ден за одмор за сите работници, освен за дел од работниците во дејностите каде работниот процес не може да биде прекинат. Заедно со социјалните партнери јасно ги дефиниравме исклучоците во кој дел работниците ќе работат, но и за овие работници ова законско решение значи унапредување на работничките права – рече Шахпаска.
Министерката истакна дека оние кои ќе работат во недела ќе добиваат дневница повисока за најмалку 50 проценти од редовната, а дополнително ќе добијат и слободен ден што ќе го користат во наредните седум дена.
– Имплементацијата на законот ќе биде контролирана од Државниот инспекторат за труд. Оние работодавачи кои ќе работат во недела, работењето треба да го пријават во Инспекторатот, како надлежен орган за контрола за примената на законот – вели министерката.
Предвидени се и казни за оние кои ќе го прекршат законот за работни односи, а предвидена е времена забрана од 15 дена за вршење на дејност и ќе им се издаде прекршочен платен налог. Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите за забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа не смее да го намали бројот на вработените.