ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ „50 ГОДИНИ ШК АЛКАЛОИД“ Ќе се играат два турнира – за брзопотезен и за забрзан шах
На 4 и 5 април во хотелот „Континентал“ ќе бидат организирани два турнира: еден во брзопотезен шах (блиц) – 13 рунди со темпо на игра од три минути од играч и две секунди за потег, а вториот во забрзан шах (рапид), при што играчите ќе играат 11 рунди со темпо од 10 минути од учесник плус пет секунди за потег.
Сведоштвата за големата почит спрема шаховската игра во Македонија отсекогаш биле добро фундирани со аргументи, меѓу кои се организацијата на Шаховската олимпијада во 1972 година, а потоа и формирањето на ШК Алкалоид во 1976 година.
Клубот, кој на почетокот беше скромно ориентиран кон поттикнување и развивање на древната игра меѓу вработените кои учествуваа на натпреварувања против други компании, со текот на времето прерасна во најуспешен шаховски колектив во Македонија, кој на републичките првенства ја презеде доминацијата и во независна Македонија дури 27 пати ја освои екипната титула во 33 настапи. ШК Алкалоид во 2016 година ја понесе титулата европски клупски шампион, а во три наврати (2017, 2024 и 2025 година) беше европски клупски вицешампион! По повод петдеценискиот јубилеј, годинава се предвидени повеќе активности, кои започнуваат со првиот настан на почетокот на април на Шаховскиот фестивал.
На 4 и 5 април во хотелот „Континентал“ ќе бидат организирани два турнира: еден во брзопотезен шах (блиц) – 13 рунди со темпо на игра од три минути од играч и две секунди за потег, а вториот во забрзан шах (рапид), при што играчите ќе играат 11 рунди со темпо од 10 минути од учесник плус пет секунди за потег. Предвиден е награден фонд од 130.000 денари за првиот турнир и уште 230.000 денари за вториот турнир. Во двата случаи ќе им бидат доделени награди на десетте најдобропласирани играчи, како и специјални награди на шахистките, ветераните и на јуниорите.
Традиционално, интересот за турнирите на ШК Алкалоид е голем, а поради ограниченоста на просторот за игра чинот на пријавување завршува рано. Имајќи го предвид намаленот број на турнири кои се организираат во Македонија, со сигурност овие два турнира ќе донесат задоволство меѓу оние кои го почитуваат шахот, а упатените ќе знаат да ги препознаат и организациските напори на спортските работници меѓу фармацевтите, кои ќе дадат сѐ од себе за да направат уште едно силно издание на овој турнир, кој ужива висок углед во регионот.
Организаторите од ШК Алкалоид навестуваат дека турнирот ќе биде отворен и за публиката, со цел одбележувањето на полувековниот јубилеј да биде во што е можно подобра атмосфера.