Северномакедонци кои не постојат?

Одредбите од Преспанскиот договор очигледно добиваат „нов“ живот и пливаат низ разни струи во меѓународните води. Секако дека овде има многу работа, ако тоа воопшто може да води кон задоволителен резултат, најмногу за македонското МНР, но и за низа други актери.

1,860

„Народот на Северна Македонија“ или „Северномакедонци“? Постои ли таква дилема?

Три и пол години по потпишувањето од Преспанскиот договор (имајќи ги предвид тогаш изнесените тврдења дека Договорот не задира во прашањата на националниот идентитет), станува јасно дека веќе не е реткост одредницата за националност во меѓународни рамки да се поистоветува со формата „Северномакедонци“.






Една од своите први европски репортажи на почетокот на новата година, шведската телевизија ја посвети на актуелните состојби во Северна Македонија. Во прилогот на централниот дневник, „Актуелт“, стана збор за блокираните претпристапни преговори на Македонија за членство во ЕУ, кои, по изнаоѓањето на решение за долготрајниот грчко-македонски јазол околу името, сега се заглавија во лавиринтот на неразумните бугарски барања Скопје да престане со крадење и со фалсификување на историјата како основ за градење на сопствен национален идентитет. Темата е, се разбира, актуелна и добредојдена, поаѓајќи од фактот дека Шведска и понатаму важи за една од најзначајните ЕУ-членки што го поддржуваат процесот на проширување на Унијата.

Во еден дел од споменатиот прилог, новинарката на Шведската телевизија (во интервју со македонскиот министер Бојан Маричиќ, водено на англиски јазик) споменува „people of North Macedonia”, но тоа во титлуваниот шведски превод на екранот беше преведено со синтагмата „Северномакедонци“ (nordmakedonier).

Тоа беше повод Македонскиот сојуз во Шведска да реагира до редакцијата на „Актуелт“, а за што ја извести и Македонската амбасада во Стокхолм, со забелешка дека во емитуваниот прилог е направена груба грешка во преводот, односно дека е прибегнато кон сосема несоодветен превод што наведува на погрешно поимање на името на националноста на мнозинството граѓани на Северна Македонија.

„Не постои народ кој се вика Северномакедонци, туку мнозинството од граѓаните кои живеат во Северна Македонија и понатаму се Македонци и ништо друго“, беше нагласено во реакцијата на Македонскиот сојуз во Шведска, со укажување дека така е прецизирано со Преспанскиот договор. Нема никаква причина, се вели натаму, Шведската телевизија да наоѓа свое толкување и да користи име „Северномакедонци“, кое всушност е навредливо и омаловажувачко за граѓаните на Северна Македонија.

Како добар извор за разјаснување на фактите, на редакцијата на „Актуелт“ ѝ е предложено да го консултира шведскиот Институт за јазик и народна меморија, на чија веб-страница стои: „Според компромисот во Преспанскиот договор, граѓаните можат и понатаму да се викаат само Македонци во формален контекст (Macedonian/from North Macedonia, како што, впрочем, стои во нивните пасоши)”.

Но, потребата да се реагира на ваквите „несоодветни“ преводи, или, пак, нормативи во именувањето на националноста (Северно)Македонец, произлегува од сè поприсутното сознание дека воопшто не станува збор за некакви изолирани случаи.

Во Норвешка, со пребарување на Македонци (на норвешки Makedoner), норвешкиот академски речник дава објаснување дека супстантивот се употребува (застарено) за лице, жител на Република Македонија, која од 2019 е Северна Македонија (Nord-Makedonia). Веднаш следува супстантивот Северномакедонци (nordmakedoner, слеано), со етимолошко објаснување дека станува збор за актуелна употреба на изведенка од името Северна Македонија. И во норвешкиот толковен речник, со пребараување на зборот Makedonia еден од резултатите што се добиваат е дека станува збор за лице од поранешната југословенска Република Македонија, со тоа што од 2019 се во употреба Северна Македонија и Северномакедонци.

Во Данска, со пребарување на именката Македонци (на дански Makedonier) во Речникот на модерниот дански јазик се добива објаснување дека тоа е „лице од Македонија (од републиката што го смени името во Северна Македонија во 2019 година, или од истоимениот регион на северна Грција). Во продолжение се посочени зборови со блиско значење и сегашната употреба на зборот Северномакедонци.

Во Шведска со пребарување на супстантивот Makedonier (Македонци) во Речникот на Шведската академија се добива кратко неутрално објаснување, односно дека станува збор за жители од Македонија. Но, од страна на споменатиот шведски Институт за јазик и народна меморија, по потпишувањето на Преспанскиот договор беше укажано дека со употребата на новото (слеано) име на државата, Nordmakedonien, ќе се јавуваат нејаснотии во однос на придавката и ознаката за националност. Како што беше забележано од страна на овој институт, можеше да се очекува скандинавските медиуми, без посуштинско и попрецизно познавање на одредбите во Договорот за името, да ги употребуваат слеаните ознаки – nordmakedonsk (северномакедонски/-ска) и nordmakedonier (Северномакедонци).

Но од неодамна овој шведски институт оди и чекор понатаму, тврдејќи дека во јавната комуникација во Шведска може да се користи Македонци (makedonier) како припадност на народ, или, на пример, кога е во прашање македонска храна или култура, но повеќе кога станува збор за историскиот регион отколку за границите на земјата. Но, како што Институтот констатира сега, како ознака на националноста најразумно е сепак да се користи Северномакедонци, со придавката северномакедонски. Пред сè затоа што тоа на „појасен начин го вклучува и опфаќа целото население, кое освен од Македонци се состои од околу една четвртина Албанци“!

Одредбите од Преспанскиот договор очигледно добиваат „нов“ живот и пливаат низ разни струи во меѓународните води. Секако дека овде има многу работа, ако тоа воопшто може да води кон задоволителен резултат, најмногу за македонското МНР, но и за низа други актери.

Многу е понеизвесно, кога подобро ќе се размисли, што се случува, и што ќе се случува со подготвеноста и волјата на обичните граѓани Македонци, кои, како што е познато, се расеани на сите светски меридијани. Колку се тие подготвени да дадат сопствен пример, да реагираат и да се заложат да ја заштитат сопствена гордост во која се колнат – именувањето на сопствената национална припадност како Македонци, а не Северномакедонци?

Да не испадне дека одговорот на ова прашање е крајно несигурен, можеби најблиску до онаа познатото злокобно поетско расположение и чувство на Гане Тодоровски: „… некоја јанѕа ме јаде“. Или можеби, како и обично, се избира она најлесното – гледај лево, сврти десно. Се сеќавате, нели, како во познатиот виц се избира насоката пред крстопатот: „Дај лев трепкач, врти десно!“

Поврзани содржини