СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ИМ СТАНА „АЛАТКА ВО АНТИРУСКАТА ИГРА“ Лавров вели дека македонскиот народ има спротивно мислење за Русија од официјално Скопје
Рускиот министер за надворешни работи има ист став и за Црна Гора.
ЕУ и НАТО се обидуваат да ги направат Црна Гора и Северна Македонија „алатки во антируската игра“ изјави министерот за надворешни работи на русија Сергеј Лавров во интервјуто за руската онлајн телевизија Наше кино кое е објавено на веб страната на руското Министерство за надворешни работи.
– Има огромна разлика меѓу тоа што го чувствуваат Црногорците и Македонците за Русија и она што го прават нивните политичари принудени од Брисел, ЕУ и НАТО… Ова е истото тоа што се обидоа да го сторат во Украина и во други источноевропски држави – рече Лавров.
Според него, Македонија стана Северна Македонија за да влезе во ЕУ. Меѓутоа, таа не беше примена таму, ниту пак ќе биде примена во скоро време.
-Наместо тоа, ја вовлекоа во НАТО, почнаа да потпалуваат русофобни чувства, агресивна политика кон Руската Федерација. Јас сум бил во Скопје и во Охрид, видов како луѓето во Македонија се однесуваат кон нашата заедничка историја и религија – вели Лавров.
Според него истото е направено и со Црна Гора.
– Ветија дека ќе влезат во ЕУ, но рекоа дека треба да влезат во НАТО, да се приклучат на санкциите и да заземат став кој е отворено антируски. Тажно е. Бев и во Црна Гора. Посетував и манастири и цркви. Споменикот на В.С. Висоцки во градот Подгорица, Црна Гора, е чудесен, на него е изгравиран еден катрен од неговата долга поема за Црногорците. Завршува со самата фраза врежана на споменикот: ‘Едно раѓање мене не ми е доволно, јас би израснал од два корени, штета што Црна Гора не стана мојата втора татковина’ – вели Лавров.