СЕВЕРНА КОРЕЈА СЕКОГАШ ЌЕ ЈА ПОДДРЖУВА РУСИЈА Ким Џонг Ун му благодари на Путин за честитките за реизборот
Демократската Народна Република Кореја и Русија тесно соработуваат за да го одбранат својот суверенитет, напиша претседателот Ким Џонг Ун во писмото до рускиот колега, Владимир Путин.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во писмо со благодарност до својот руски колега Владимир Путин изјави дека неговата земја секогаш ќе ја поддржува Русија, објавија денеска севернокорејските медиуми.
„Изразувам искрена благодарност за вашите топли и срдечни честитки за моето повторно преземање на тешките одговорности на шеф на државата“, напиша Ким.
Законодавното тело на Северна Кореја го реизбра Ким Џонг Ун за претседател во неделата.
„Денес, Демократската Народна Република Кореја (ДНРК) и Русија тесно соработуваат за да го одбранат својот суверенитет“, напиша Ким во писмото.
Ким нагласи дека Пјонгјанг секогаш ќе стои зад Москва затоа што „тоа е наш избор и наша непоколеблива волја“.
Врските меѓу двете земји се зајакнаа од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, кога Пјонгјанг испрати војници и системи за оружје за поддршка на војната на Русија, а во 2024 година потпишаа договор за меѓусебна одбрана.
Северна Кореја, која е изолирана земја, добива финансиска помош, храна и енергија за возврат, покрај воена технологија.
Друг руски сојузник, белорускиот претседател Александар Лукашенко, денеска пристигна во дводневна посета на Северна Кореја.