СЕРИОЗЕН ЧЕКОР НАЗАД ВО РАЗВОЈОТ НА МЛАДИТЕ Професори ѝ се пожалија на претседателката од намерата да се укинат филозофијата, логиката и етиката
Претседателката, како долгогодишна професорка, изрази разбирање за нивните ставови и изрази доверба во реформската ориентација, како и уверување дека забелешките на Институтот за филозофија ќе бидат земени в предвид при креирањето на конечните решенија, соопшти Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова.
Професори од Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет – Скопје ѝ го презентираа на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова мислењето за нацртот на Концепцијата за реформи на гимназиското образование и изразија категорично противење на бришењето на предметот Филозофија од корпусот на задолжителни предмети, како и на отстранувањето на предметите Логика и Етика од категоријата изборни предмети од наставниот план, соопшти Кабинетот на претседателката.
За нив, ваквото решение е деградирање на овие темелни хуманистички науки, што е противречно на прокламираните цели на концепцијата: развивање на критичкото размислување, истражувачките способности и на вештините за решавање проблеми; поттикнувањето на самодовербата; свесноста за индивидуалноста и за одговорноста за сопствените постапки; градењето национален, етички и културен идентитет, како и почитувањето на историјата и културното наследство и подготовката за одговорно граѓанство и активно учество во демократскиот живот.
„Ваквата промена за професорите е сериозен чекор назад во развојот на личноста на младите луѓе и нивната подготовка за соочување со современите предизвици. Претседателката, како долгогодишна професорка, изрази разбирање за нивните ставови и заложби, акцентирајќи ја важната улога на Филозофијата, Логиката и Етиката во обликувањето на интелектуалната и морална димензија на карактерот на младите луѓе. Таа изрази доверба во реформската ориентација и уверување дека забелешките на Институтот за филозофија ќе бидат анализирани со должно внимание и земени в предвид при креирањето на конечните решенија“, соопшти Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова.