Серена Вилијамс се отвори за мигрената: Татко ми не ми веруваше дека ми пречи сонцето!
Тенисерката открива дека во нејзините дваесетти години почнала да ја чувствува оваа болка. Но, за разлика од болест или повреда кои се видливи, Вилијамс вели дека луѓето не разбирале зошто мигрената би влијаела врз нејзината способност да вежба или да игра, па таа научила да игра со болка.
Серена Вилијамс зборуваше отворено за нејзината битка со исцрпувачката мигрена и како невидливата болка влијаела врз нејзиниот живот и кариерата во интервју за People.
Таа открива дека во нејзините дваесетти години почнала да ја чувствува оваа болка. Но, за разлика од болест или повреда кои се видливи, Вилијамс вели дека луѓето не разбирале зошто мигрената би влијаела врз нејзината способност да вежба или да игра, па таа научила да игра со болка.
– Мигрената не е повреда на колено, тоа е нешто што физички не може да се види – вели таа и додава дека нејзиниот татко кој ѝ бил тренер до 2012 година не можел да ја разбере нејзината сензитивност на сонцето.
– Не можете да кажете: „О, тато имам мигрена, нема да играм“. Луѓето велат: „Не гледам потење, не гледам модрици. Доста е“. Се навикнав да играм со болката – вели Вилијамс.
Четирикратната олимписка победничка вели дека не сакала да изгледа дека ја користи мигрената како изговор за нејзините порази.
– Не можете да се појавите на прес конференција и кога новинарите ќе ве прашаат: Што се случи?, да им кажете „Епа, имав напад на мигрена“. Морав да смислам како да играм и покрај болката – вели Серена.
Триесет и петгодишната тенисерка вели дека карантинот ѝ ја влошил состојбата бидејќи бил „неверојатно стресен“.
– Сѐ е неверојатно стресно. Се справував со голем стрес и непознати причини и нешта на кои не бев навикната, и мислам дека тоа придонесе за моите напади на мигрена и ги зачести. Бев ангажирана со детето преку цел ден и ноќе имав долга мигрена – вели тенисерката која го минува карантинот со сопругот Алексис Оханиан и нивната двеиполгодишна ќерка Олимпија.
Вилијамс стана портпарол за лекот „убрелви“ против мигрена откако откри дека добро ѝ делува.
Тенисерката доби поддршка од фановите преку социјалните мрежи кои исто така страдаат од мигрена за кревањето на свесноста за оваа невидлива состојба.
Мигрената е честа појава која ја погодува секоја петта жена и секој 15-ти маж. Иако е честа, причините за неа се непознати и нема лек, но има лекарства кои ја олеснуваат состојбата.
Вилијамс во 2018 година откри дека поради тромб за малку ќе умрела по породувањето од пулмонална емболија.