📷 СЕРАВА СЕ ОСЛОБОДУВА ОД НАТРУПАНОТО ЃУБРЕ Ќе има патека, клупи, зеленило и детски игралишта покрај реката во Бутел

Проектот опфаќа уредување на просторот покрај реката и изградба на пешачка патека во должина од 1.590 метри, наменета за прошетка, рекреација и за дружење на граѓаните, соопшти Град Скопје.

342

Почна реализацијата на проектот за темелно чистење и уредување на коритото на реката Серава, како и за изградба на нова пешачка патека во општина Бутел, соопшти Град Скопје.

„Проектот опфаќа уредување на просторот покрај реката и изградба на пешачка патека во должина од 1.590 метри, наменета за прошетка, рекреација и за дружење на граѓаните. Долж патеката ќе биде поставено современо лед осветление, урбана опрема и нови клупи, а просторот ќе биде дополнително разубавен со ново зеленило“, соопшти градската власт.






Фото: Фејсбук страница на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски

 

На просторот ќе се изградат нови детски игралишта, со цел создавање безбеден и уреден простор за игра и рекреација на најмладите.

На почетокот на активностите присуствуваа градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски и градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски на Фејсбук објави дека по две децении темелно се чисти коритото на реката Серава и дека ова е еден од најзначајните и најбараните зафати за жителите на Бутел.

„Она што со години било само празно ветување, денес станува реалност. Со овој проект, просторот покрај Серава конечно ќе добие нов живот и нова вредност за граѓаните. Градиме средина во која граѓаните ќе се чувствуваат горди, безбедни и исполнети“, објави градоначалникот.

Поврзани содржини