„Семејство“ на закоравени умови

Македонија треба да бара реакција, но и извинување, токму од еу, од европската комисија и од нејзината претседателка! Ништо повеќе и ништо помалку. Секако, министерството за надворешни работи мора да го праша и оној кловн кој се подготвува да го брани релативно далечниот Гренланд, дали можеби размислува за одбрана на поблиските јужни европски граници од насилници преоблечени во бугарски парламентарци?

1,008

Бидејќи деновиве, но и порано, кај нас одново и одново се актуелизира некаков процес на „национално помирување“ односно тенденцијата за нормализиран дијалог за државните стратешки интереси (за што поконкретно ќе пишувам во друга прилика), ќе се осмелам да искажам една еретичка мисла: навистина ли ние и понатаму ја гледаме онаа и онаква еу (малите букви се… знаете веќе што) баш како наш стратешки интерес? И во што, односно – за што? Ако е за одбрана, нели тука е фамозното нато (малите букви се…) заради коешто го сменија и името на државата, а веќе утре ќе мора да плаќаат цели 5% од БДП? Ако пак е за пари, зарем само еу има пари за расфрлање? Ако е за заеднички пазар, па мал ли е светот?

Се разбира, ги имам предвид и другите (евентуални, ако навистина ги има) предности, но кога ја гледате актуелната ситуација во таа еу, неминовно е прашањето: вреди ли? Зашто, погледнете ја на пример (не само) оваа хистерија со Елон Маск и приказните за укинување на неговата мрежа „Икс“ поради некакво интервју со Алис Веидл, лидерка на екстремната германска десница „Алтернатива за Германија“. Зошто? Затоа што имаат уплав од неа, таа била „контроверзна“ (а оние шушумиги во европската комисија, на чело со „тетка Урсула“, демек не се!), им ги кажува сите работи директно в лице а оние немаат соодветен одговор на нив итн. Па ќе ангажираат, ни помалку ни повеќе туку 150 експерти да го следат алгоритмот на гледаност на преносот во живо, да не биде Маск тоа да го манипулира и да ја прикаже „тетка Алис“ како многу популарна… и слични будалаштини. И поради тоа размислуваат да укинат една од најпопуларните светски социјални мрежи!






Се разбира, никогаш не знаете кој шутрак во таа комисија смислува такви нешта, но не е ни важно. Поважно е што внатре нема нормален човек кој ќе им каже дека се малоумни и прават глупости. А ние сакаме да бидеме дел од нив!?

Секако, ништо од тоа укинување нема да се случи не само зашто еу нема таква смелост туку и заради тоа што стана друштво на празнозборци, на полуинтелигенти и чавки страшливки, а Маск е пребогат, препопуларен и, како најважно, многу близок соработник на Трамп. Никој нема да смее да писне, иако ќе „ги острат“ јазиците како оној смешен Баро во врска со Гренланд.

И токму таквата осилена изјава на францускиот министер за надворешни работи – дека „Очигледно не постои сомнеж дека Европската унија би дозволила другите нации во светот да ги нападнат нејзините суверени граници, кои и да се тие… Ние сме силен континент“ – нѐ води, по којзнае кој пат, кај источниот сосед и најновата дрскост излезена токму од парламентот на членка на тој „силен континент“. Да, некој ќе рече дека налудничавите сништа на еден – но не и осамен! – член на тој парламент не треба да се врзуваат за целата највисока претставничка институција, уште помалку за државата. Можеби, но тоа би важело за некој друг случај, за некоја друга земја, а не за Бугарија како членка на еу која, прво (и по којзнае кој пат), не реагира на таквите безобразни провокации на нејзини политичари, и второ, ги поддржува агресивните активности на оние Бугари во Македонија кои потоа бара да ги вклучиме во Уставот.

Но, всушност, колку и да е подмолен и непристоен гестот на бугарскиот парламентарец кој бара припојување на Македонија кон Бугарија, она што можеме и треба да го направиме е да игнорираме такви будали. Нив, лично, бидејќи такви празноглавци не заслужуваат никаква реакција, уште помалку одговор. Но не смее да се игнорира или минимизира кажаното коешто, следејќи ги досегашните упатства на Брисел, одат директно на сметка на еу! Затоа што цели две години токму еу нѐ убедува дека ние немаме спор со Бугарија туку – со еу односно комисијата (малите букви се…) како глава на „семејството“. Е па нека повелат тие од еу и комисијата нека ја објаснат гнасната изјава на еден нивен високопозициониран член на тоа „семејство“. И нека го дисциплинираат, ако сметаат за потребно, но и нека се извинат. Токму тие, оние шарлатани од европската комисија на чело со „госпожа Урсула“! Зашто, нели, ние немаме спор со Бугарија туку – со Брисел, па сѐ што излегува од празните бугарски политикантски глави е всушност став на „семејството“ и неговите првенци!

Затоа, повторно, Македонија треба да бара реакција, но и извинување, токму од еу, од европската комисија и од нејзината претседателка! Ништо повеќе и ништо помалку. Секако, министерството за надворешни работи мора да го праша и оној кловн кој се подготвува да го брани релативно далечниот Гренланд, дали можеби размислува за одбрана на поблиските јужни европски граници од насилници преоблечени во бугарски парламентарци? И, конечно, некој мора да размисли дали нам навистина ни е местото меѓу такви закоравени безобразни умови кои немаат почит кон ништо и никого вон нивната искривена Австро-унгарска призма. Особено и поради фактот што ние одамна, веќе со децении, не говориме за слободоумна, независна, културна, интелектуална… Европа туку за некаква аморфна, празноглава, невоспитана и крајно политикантска збирштина на секакви протуви кои си земаат за право да се нарекуваат политички претставници на стариот континент. Можеби некој овде навистина се идентификува со таа толпа агресивни балканофоби, но тоа е негов личен проблем.

Но, едновремено, некој (ќе) мора јавно да го постави и прашањето за оние локални (и очигледно со долгорочна намена) „прогресивни“ подметнувања за ист народ, за заедничка историја, за некаква Македонија само од 1945 година итн., за бугарски „културни клубови“ итн. Одамна се покажа дека сето тоа не е баш така наивно и завиткано само во формата на „личен став“.

И, конечно, дали сега станува малку појасно зошто се инсистира на она „Бугари во Устав“?!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини
na