СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО СО ТЕЛЕСНА ПОВРЕДА ЌЕ СЕ ГОНИ ПО СЛУЖБЕНА ДОЛЖНОСТ Нема да се чека на пријава од жртвата, обвинител веднаш ќе постапува

Со измените на Кривичниот законик се отстранува гонењето по предлог во случаите кога делото Телесна повреда е сторено при вршење родово базирано насилство, насилство врз жена и семејно насилство, при насилство од омраза или при насилство кон лице кое е посебно ранливо поради неговата возраст, тешки телесни или душевни пречки или бременост.

1,037

Семејно насилство со телесна повреда отсега ќе се гони по службена должност, без да мора жртвата да поднесе пријава против насилникот, предвидуваат измените на Кривичниот законик што група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ги предложија во Собранието.

Во предлог-измените се наведува дека се врши доусогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција, преку редефинирање на кривичното дело Телесна повреда од член 130, од каде се отстранува гонењето по предлог во случаите кога делото е сторено при вршење родово базирано насилство, насилство врз жена и семејно насилство, при насилство од омраза или при насилство кон лице кое е посебно ранливо поради неговата возраст, тешки телесни или душевни пречки или бременост. Овој облик на делото ќе се гони по службена должност.






Со измената се бришат зборовите во членот 130 кои предвидуваат дека делото се гони по предлог.

Според овој член, кој има наслов Телесна повреда, тој што друг телесно ќе го повреди или ќе му го наруши здравјето, ќе се казни со парична казна или со затвор до 3 години, а ако делото го стори при вршење семејно насилство, ќе се казни со затвор од 6 месеци до 3 години. Според член 131, пак, ако се работи за тешка телесна повреда, сторителот ќе се казни со затвор од 6 месеци до 5 години, ако тешката повреда е при семејно насилство казната е од една до 5 години затвор, ако животот на жртвата е доведен во опасност казната е од една до 10 години затвор, а ако поради тешката телесна повреда повредениот умре, сторителот ќе се казни со затвор најмалку една година, без горна пропишана граница на затворската казна.

Измените на Кривичниот законик следуваат откако Уставниот суд му наложи на Собранието да ги анулира штетните последици од измените на КЗ што се случија есента 2023 година, кога со измени во членот 353 за злоупотреба на службената положба и овластувања се овозможија да застарат повеќе кривични дела против поранешни функционери. Освен ова, во текстот на законските измени се опфатени и построги казни за кривични дела во сообраќајот, затворски казни за одмаздничка порнографија, казни за родителите чии деца питачат итн.

КОЈ ВОЗИ ПРЕБРЗО, ПИЈАН ИЛИ ДРОГИРАН, ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ АВТОМОБИЛ Возилата ќе се одземаат трајно под строго определени услови

Поврзани содржини