СЕМЕЈНАТА ПОЛИТИКА Е ПРИОРИТЕТ НА ОВАА ВЛАДА Мицкоски отвори доградена градинка во Таринци

Како Влада водиме јасно определена про-семејна политика, политика која подразбира брак, деца, затоа што тоа е иднината на државата и иднината на нацијата – рече премиерот.

726

Отворена е доградената детска градинка „Кокичиња“ во село Таринци, Општина Карбинци. Станува збор за објект во кој ќе се сместат допонително уште 50 дечиња, со што капацитетот на целата детка градинка ќе биде двојно зголемен на 100 деца. Премиерот Христијан Мицкоски кој денеска присуствуваше на отварање на доградениот дел на градинката во Општина Карбинци посочи дека како Влада продолжуваат да прават и создаваат услови за најмладите.

– Тоа се нашите деца. Како Влада водиме јасно определена про-семејна политика, политика која подразбира брак, деца, затоа што тоа е иднината на државата и иднината на нацијата. Се останато претставуваат вредности кои, со сиот ризик повторно да бидам критикуван, оваа влада не може да ги промовира. Оваа Влада ќе промовира секогаш про-семејни вредности, вредности за кои што мислиме дека претставуваат основа и темел на една нација и една држава, рече Мицкоски.






Тој додаде дека ги имаат зголемено и бројот на ин витро процедури, односно од три на шест, а сега продолжуваат со отворање на нови градинки и елиминирање на листата за чекање, нешто на што, како што рече „се обврзавме во програмата“.

-Вчера беше Кочани, конечно после сите перипетии се отвори таа градинка за 114 дечиња, денес е оваа надградба на постојната градинка во Таринци, општина Карбинци за нови педесетина дечиња. Утре ве поканувам во скопско Сопиште, исто така отвораме градинка и продолжуваме во периодот кој што следи. Кога на ова ќе се додадат и оние книги кои што ги добија првоодделенците дека семејството преставува “мајка, татко, сестра, брат и јас“, тогаш јасно ги дефинираме политиките на оваа Влада и во таа насока ќе продолжиме и во иднина да промовираме таков тип на политики, подвлече Мицкоски.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов истакна дека со отворање на доизградениот дел на единствената градинка во Општина Карбинци повеќе ќе нема листи за чекање на прием на деца.

-Вкупниот капацитет на оваа детска градинка ќе биде 100. На мое огромно задоволство среќен сум што можам да кажам дека ова е уште еден завршен проект, вели Паунов.

Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски рече дека приоритет на Владата е да се отвораат детски градинки и во руралните средини, каде што има потреба за згрижување на дечињата.

-Продолжуваме понатаму со сиот капацитет и можност што го имаме како Влада и стратегијата дека секое дете треба да биде дел од детската заштита, вели Велковски.

Поврзани содржини