Села: Поднесовме интерпелација за Спасовски за боливудската режија за Мијалков
Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе го поддржат и предлогот за доверба на Владата, како и за ново парламентарно мнозинство.
Интерпелација за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за вчерашниот скандал со бегството и појавувањето на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков поднела коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, информираа лидерите Зијадин Села и Афром Гаши на прес конференција и додадоа дека ќе го поддржат и предлогот за довеба на Владата, и за ново парламентарно мнозинство, за како што велат конечно да престанат скандалите во државава.
– Театар, како може јас да давам проценка за смешните сценарија кои се прават деновиве. Два дена се прави театар. Исчезна Мијалков, па се појави и кажа дека имал температура. Една ноќ претходно цело семејство, синовите, не знааткаде е татко им, а најскандалозно е дека Сашо Мијалко доби домашен притвор. Тоа е доказ за договор меѓу Мијалков и Заев.Тоа е доказ дека сите актери кои правеа сценарија за 27 април сега се заедно со владата – рече Села.
Тој додаде дека живееме во држава каде од час во час има нов скандал. Села го прозва Зеав и за случајот „Монструм“, да каже кога ја зборувал вистината, кога бил во опозиција или сега.
– Не водат и владеат со нас лажговци, а не одговорни политичари. Уште еднаш ги повторувам зборовите на Заев кога беше опозиционер. Заев тврдеше дека невини луѓе лежат во затвор за „Монструм“, дека вистината е многу болна. Кажуваше сценарија кога ќе биде објавена вистината оти била многу болна и да не наштети на меѓуетничките односи. Заев денес никаде го нема а партијата на прес конференција порачува дека не теба да се мешаме во судски одлуки. Кога лажеше Заев? Лажеше тогаш или лаже сега. Ова не е лага која се фрла за да се добие власт, туку се работи за чувства на родители кои изгубиле најмили и на родители чии невини блиски ќе одат во затвор. Заев треба да даде оставка оти гласови доби и од Албанците дека ќе ја каже вистината за „Монструм. Нема правна држава туку има здружување на бившите противници во една криминална власт. Гледаме сценарија во боливудска режија – рече Села.
Гаши повтори дека ги повикуваат земјите членки на ЕУ да донесат тим судии и обвинители кои повторно ќе ги отворат сите монтирани политички процеси од „Монструм“, „Алфа“, па се до „27 април“, но и според него, монтирани судски случаи од осамостојувањето до сега, за како што вели, сите корумпирани политичари да одговараат оти само така ќе има правна држава. Според коалицијата, ние имаме судии и обвинители кои се прилагодуваат на партиите кои се на власт.