СЕЛА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА Алијанса ги изгуби сите 3 советнички мандати во Тетово (ОБНОВЕНО)

2,037

Зијадин Села, лидерот на Алијанса за Албанците, вечерва поднесе оставка, по катастрофалниот резултат на изборите за Советот на Општина Тетово.

Со само околу 800 освоени гласови, три пати помалку од претходните локални избори, партијата на Села ги изгуби тројцата општински советници и сега нема ниту еден.






По состанокот на потесното партиско раководство, Села пред новинарите изјави дека не сака повторно да се кандидира за истата функција, прво од морални причини, но и поради тоа што статутот не предвидува некој да биде лидер повеќе од двапати.

Во Советот на општина Тетово доминира Беса со 12 советници, по нив следи ДУИ со 11, ДПА и Алтернатива имаат по 1, ВМРО-ДПМНЕ 4 и СДСМ 2 советници. Неофицијално, најавена е коалиција меѓу Беса и ВМРО-ДПМНЕ.

Зијадин Села информираше дека во периодот кој следува, највисокиот орган на партијата, после два конгреси, Централното собрание, треба да заседава и да одлучи во врска со тоа кој ќе биде в.д. претседател на партијата

– Ја користам приликата сега да им заблагодарам на сите мои поддржувачи, на поддржувачите на Алијансата за Албанците, на граѓаните кои веруваа во нас и истовремено ги повикувам да веруваат во Алијансата за Албанците, бидејќи од овој процес ние ќе излеземе уште посилни. Не би било демократски јас да се изјаснам кој треба да биде кандидат за претседател , бидејќи тоа е право на членството на Алијансата за Албанците и тоа е право на Централното собрание, а не е мое право – рече Села.

Прашан зошто во Тетово партијата не успеа да освои ниту едно советничко место, тој рече дека ќе бидат направени потемелни анализи.

– Анализите ќе се направат во Централното собрание на партијата и мислам дека од сега па натаму партијата треба многу да се грижи за сите тие нешта. Да се грижи во смисла да ги става на одговорност сите тие кои го саботираа процесот, на сите кои работеа, и се членови на Алијансата за Албанците, а се против Алијансата за Албанците – кажа Села.

Алијанса за Албанците почна да се формира од 2015 година кога Зијадин Села како член на ДПА  го иницираше Движењето за реформи во ДПА. Потоа се формираше и партијата под името Алијанса за Албанците. На 27 март 2022 година, на вториот конгрес, Села беше реизбран за претседател.

Поврзани содржини