Села не знае дека Курти преку Алијансата влегува со Самоопределување во Македонија

3,007

Намерно сега се пласира информацијата дека движењето Самоопределување на Албин Курти од Косово политички ќе дејствува и во Македонија преку Алијансата за Албанците, велат за Плусинфо од партијата на Зијадин Села. Според Алијансата, веста за активирањето на Самоопределување во Македонија се лиферува со цел ДУИ да го прикрие неуспехот во преговорите со СДСМ да ја наметне идејата за премиер Албанец.

– Не случајно сега, пред утрешната средба помеѓу лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, се пушта информацијата дека Самоопределување преку членови на Алијансата ќе дејствува и во Македонија. ДУИ сака да го одвлече вниманието на јавноста од неуспехот во преговорите. За тоа дека Самоопределување преку нас ќе дејствува и во Македонија нема официјална изјава ниту од лидерот Албин Курти, ниту тоа е објавено од официјални лица од Самоопределување. Затоа, нема што да коментираме – велат од Алијансата за Плусинфо.






Од партијата на Села додаваат дека тие имаат одлична соработка со Самоопределување, но дека нема информација дека преку нивни членови токму сега движењето на Курти ќе се прошири и во нашата земја. Потврда за соработката помеѓу Алијансата и Самоопределување е и средбата на лидерите Курти и Села во Приштина во екот на изборната кампања во Македонија. На завршниот митинг на Алијансата и Алтернатива, Курти преку видео-порака ги поддржа Села и Африм Гаши. Но, од Алијансата се категорични дека сега нема најава за проширување на Самоопределување во Македонија, иако евентуалното дејствувањето на Самоопределување во Македонија би било ветер во грбот на опозициските партии на македонските Албанци.

Приштинскиот портал „Газета експрес“ информира дека неколку поддржувачи на Алијансата за Албанците ќе ја реализираат идејата на лидерот на до неодамна владејачката партија во Косово, движењето Самоопределување, Албин Курти, за проширување на тој политички субјект и во Северна Македонија. Според порталот, лицето кое ќе ги започне активностите за формирање на Самоопределување во Северна Македонија е професорот и политички аналитичар Арсим Синани, а меѓу иницијаторите се споменува и Беким Ќоку, некогашен пратеник на Демократската партија на Албанците (ДПА), а сега член на Алијанса на Зијадин Села.

Од Алијансата велат дека Синани не е нивен поддржувач, додека за Ќоку велат дека бил во првата постава на движењето предводено од Села за отцепување од ДПА.

Поврзани содржини