СЕКОЕ ДРВО ВО ЦЕНТАР ИМА СВОЈА ФОТОГРАФИЈА Герасимовски воведе систем во кој има информација за сите 10.000 садници
Општина Центар прва во државата со целосно фотодокументирано зеленило, а жителите преку ГИС системот можат да го следат секое дрво и урбанистичкиот план
Општина Центар има евидентирано над 10.000 дрвја и садници во својот ГИС портал, објави актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски. Во гостувањето во емисијата „Клик Плус“ на телевизија 21, тој истакна дека Центар е првата општина во државата која има фотодокументирано секое дрво, со можност граѓаните јавно да ја следат состојбата на зеленилото.
– Имаме ГИС портал кадешто во моментов се детектираат сите зелени површини во градот. Имаме над 10.000 садници коишто се со слика. Може да го отворите порталот, јавно достапен е, на истиот да ги видите сите оние садници кои се исликани на територијата на Општина Центар – изјави Герасимовски.
Градоначалникот најави дека ГИС порталот ќе се прошири со нови функционалности кои ќе им овозможат на граѓаните пристап до сите детални урбанистички планови (ДУП-ови), како и електронски услуги за запишување на деца во училишта и градинки.
– ГИС порталот го прошируваме за повеќе можности, граѓаните ќе можат да вадат ДУП-ови, да имаат увид во плановите и да користат различни општински услуги. Нашата грижа за зеленилото е на највисоко ниво. Засадивме над 4.500 садници во изминатите четири години – дополни Герасимовски.
Тој додаде дека најголем предизвик останува одржувањето на зелените површини, кое формално е во надлежност на „Паркови и зеленило“, но поради нивната неажурност општината често интервенира со сопствени ресурси.
– Поголем проблем ни е одржувањето коешто е на „Паркови и зеленило“, коешто треба да ги наводнува зелените површини и не го прави истото. Затоа ние, со нашата цистерна го завршуваме и тоа онаму кадешто нема систем капка по капка – нагласи тој.
Со оваа иницијатива, Општина Центар покажува дека дигиталната транспарентност и заштитата на животната средина можат да одат рака под рака, овозможувајќи граѓаните сами да ја следат грижата за зеленилото во нивната општина.