СЕКОЈ ВАКЦИНИРАН ЗАШТЕДЕЛ ПО 3.000 ЕВРА Владата среќна што вложила 300.000 евра, а ќарила 3 милиони

Една хоспитализација на државните клиники достигнува трошок за државата до 3.000 евра по пациент. Доволно е кампањата за вакцинација на населението да спречи само 100 хоспитализации за да се исплати самата себеси, а нашите податоци покажуваат дека кампањата спречила над 1.000 хоспитализации, односно остварила просечна заштеда од 3 милиони евра, велат од Владата за Плусинфо.

997

На 23 август, три ипол месеци од стартот на вакцинацијата во нашата земја, владата одвои речиси 300.000 евра и ја почна кампањата „За моментите на среќа – Вакцинирај се!“, со цел да ги мотивира граѓаните да се вакцинираат против вирусот ковид-19. Но, се поставува прашањето, дали таа кампања ги оправда средствата, поточно дали со неа земјата успева да дојде до колективен имунитет во битката со короната. Според денешните бројки, ревакцинирани се 45 % од полнолетното население, експертите велат потребна е имунизација на 80 % од населението над 12-годишна возраст, додека за делта сојот посакуваниот процент е 90 %.

За Плусинфо од владата велат дека вложените средства во кампањата се неколкукратно заштедени, затоа што со вакцинацијата на населението од државниот буџет се намалени средствата кои се одделуваат за лекувањето на болните од ковид-19 во болнички услови.






– Сакаме особено да истакнеме дека средствата вложени во кампањата неколкукратно се заштедени, односно дека кампањата вкупно има нето-ефект на принос во буџетот на Република Северна Македонија. На пример, една хоспитализација на државните клиники достигнува трошок за државата до 3.000 евра по пациент. Согласно таа анализа, доволно е кампањата да спречи само 100 хоспитализации за да се исплати самата себеси, а нашите податоци покажуваат дека кампањата спречила (во споредба со други земји во регионот), над 1.000 хоспитализации, односно остварила просечна заштеда од 3 милиони евра. Значи, кампањата придонела во буџетот на РСМ над 10 пати онолку колку што државата вложила во неа. Дополнително, им заштедела на вакцинираните граѓани по над 7.000 евра во просек по граѓанин, трошок за лекување на приватните клиники, за оние кои би биле хоспитализирани таму – велат од Владата за Плусинфо.

Оттаму додаваат дека согласно до сега склучените договори за јавна набавка, кампањата чини 16.202.035 денари со вклучен 18% ДДВ. Јавната кампања подразбира сѐ освен закуп на медиумско време кај радиодифузерите, што сега поради локалните избори е забрането со членот 102 од Законот за Аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

– Jавните кампањи за имунизација се стандард во развиените демократии и се покажуваат како една од најуспешните алатки за зголемување на процентот на вакцинирани граѓани. Со успешната кампања, државата успеа да избегне покритично сценарио, какво што се појави во повеќе земји во регионот. Со оглед на тоа што е зголемен процентот на вакцинирани и ревакцинирани граѓани, се намали четвртиот бран и се избегна сценарио со оптоварување на здравствениот систем. Значајно е намалена смртноста во последниот период, што беа главни цели на кампањата. Досегашниот нејзин тек е исклучително успешен – брифираат од Владата.

Според информациите кои ги добивме, во моментов кампањата не е завршена, туку е времено стопирана, но таа ќе продолжуи со зголемен интензитет веднаш по локалните избори. Пред кампањата за вакцинација, Владата донесе мерка за забрана за влез на вакцинирани и прележани во одредени објекти, нешто што веднаш го зголеми интересот кај граѓаните за имунизација, при што беа отворени нови вакцинални пунктови во главниот град. Но, потоа интересот нагло спласна.

Од Владата за Плусинфо велат дека оваа мерка била успешна, зашто превенирала посериозен четврт бран и ситуација како во дел од земјите од регионот, со драстичен број заразени, хоспитализирани и смртни случаи. Во однос на можните злоупотреби на мерките за ограничување при влез без сертификат, од Владата укажуваат дека надлежните инспекциски служби се постојано на терен.

Но, останува прашањето како Владата планира да го зголеми бројот на вакцинирани лица против ковид-19, дали се во план нови рестриктивни мерки за невакцинираните лица или можеби ќе применат стимулативни мерки, како што беше направено во многу земји во регионот и во светот.

– Планот на Владата е да продолжи да работи на две главни линии: поттикнување на вакцинација преку јавни комуникации (вклучително продолжување на кампањата за имунизација), и постепено дополнително ограничување на пристапот за невакцинираните во сѐ поголем дел на јавните простори. Ваквиот паралелен и постепен пристап, има за цел да им овозможи на граѓаните да се вакцинираат пред секое ограничување. Вакцинацијата е најдобар, најсигурен и најбрз начин да го вратиме животот во нормала – велат од Владата.

Во регионот, а и во светот, властите на некои држави се инвентивни во начинот како да мотивираат што повеќе луѓе да се вакцинираат. Во соседна Србија се печеше вол за гостите што чекаат да се вакцинираат во близина. Во Косово кафулиња нудат бесплатно пиво, во Берлин колбаси, додека Грција даваше ваучери за вакцинирани млади. Црна Гора нудеше туристички попусти. Во Хонгконг вакцинираните може да учествуваат во наградна игра во која премијата е стан. Во Охајо, САД, вакцинираните можат да освојат милион долари. Со кеш се мотивираат и државјаните на Канада, Полска и на Летонија, а во Тајланд тие што се вакцинираат може да добијат жива крава.

Во спротивна насока има сè повеќе земји кои ги принудуваат работниците да се вакцинираат. Последна на листата се приклучи Канада, каде што државните службеници кои не се вакцинирани против ковид-19 ќе бидат испратени на неплатено отсуство до крајот на октомври. Првото изненадување беше Италија, која ги обврза сите работници во јавниот и приватниот сектор да имаат сертификат за вакцинација, негативен тест или потврда дека ја поминале короната. Потоа, со слични одлуки се приклучија Словенија, Франција, Грција, Германија, САД…

Поврзани содржини