СЕКОЈ СВЕДОК ЌЕ МОЖЕ ДА ПРИЈАВИ СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО Нема веќе да се бара храброст од жртвата да го пријави насилникот
Доволно ќе биде сведок - сосед, роднина, пријател, случаен минувач да пријави семејно насилство, а институциите ќе треба да реагираат по службена должност.
Со новите предлог измени на Кривичниот законик кои ги подготвува Министерството за правда, насилникот ќе може да се гони по службена должност, дури и без жртвата да поднесе пријава. Доволно ќе биде сведок – сосед, роднина, пријател, случаен минувач да пријави семејно насилство, а институциите ќе бидат должни да реагираат. Досега, често се случуваше жртвата, соочена со трауми, заплашувања или економска зависност, да се повлече од постапката со што насилникот останува неказнет.
Според статистичките податоци од Министерството за внатрешни работи, во првите шест месеци од годинава, извршени се вкупно 512 кривични дела во врска со семејното насилство, од кои најголемиот број од случаите се извршени од страна на мажите – вкупно 474 и кои повеќето завршиле со телесни повреди.
Од невладините организации ја поздравуваат одлуката за ваквата измена и очекуваат да донесе поголема сигурност за жртвите и сериозен институционален пристап кон семејното насилство. И политичките партии даваат поддршка за новите измени. Сметаат дека оваа законска измена ќе ја зајакне борбата со семејното насилство.
Насилството ќе се гони по службена должност
Од Министерството за правда во одговорот за МИА нагласуваат дека со измените и дополнувањата на Кривичниот законик се врши и редефинирање на кривичното дело „Телесна повреда“ од член 130 со отстранување на гонењето по предлог во случаи кога делото е сторено при вршење родово-базирано насилство, насилство врз жена или семејно насилство или од омраза или спрема лице кое е посебно ранливо поради неговата возраст, тешките телесни или душевни пречки или бременост, со што овој облик на делото ќе се гони по службена должност согласно одредбите од Истанбулската конвенција.
-Семејното насилство е општествен проблем кој бара институционален одговор. Со предложените измени на Кривичниот законик, правиме клучен чекор напред во заштитата на жртвите, особено на жените и другите ранливи групи. Повеќе нема да се бара храброст од жртвата за да поднесе пријава – сега храброста и одговорноста се на државата – посочуваат од Министерството за правда.
Од Министерството информираат дека овие измени на владина и собраниска процедура треба да се најдат по одржувањето на локалните избори и се очекува да бидат дел од пошироката реформа на Кривичниот законик.
Од 512 случаи, 336 завршиле со телесна повреда, а 3 со убиство
Од јануари до јуни 2025 година извршени се вкупно 512 кривични дела во врска со семејното насилство, од кои најголемиот број 336 завршиле со телесна повреда, 158 случаи со загрозување на сигурноста, девет со тешка телесна повреда, три со убиство и по две со убиство во обид, присилба, противправно лишување од слобода.
Најголем број од кривичните дела се извршени од страна на мажи – вкупно 474, а од жени 55 случаи. Најголем дел од кривичните дела во семејното насилство се извршени од страна на сопругот – 223 случаи, потоа следуваат случаите кои се извршени од сопругите, од децата, од родителите и од поранешните партнери.
Вкупно 176 кривични дела на семејно насилство се извршени под дејство на растројство, 80 дела под дејство на алкохол, две дела под дејство на дрога и 70 случаи под други дејства.
Во полугодието имало вкупно 512 жртви, од кои 436 биле жени, а 107 мажи. Во истиот период, најголем број од кривичните дела се извршени со физичка сила или закана – 420 случаи, 62 со ладно оружје, четири со огнено оружје и 26 со други начини.
Од вкупно 512 кривични дела во однос на семејното насилство, по региони најголем број се извршени во регионот на СВР Скопје – 127 случаи, СВР Тетово – 70, СВР Битола – 65, СВР Штип – 62, СВР Куманово – 55, СВР Велес – 50, СВР Струмица – 44 и СВР Охрид – 39 случаи.