🎥 „СЕКОЈ ШТО ЌЕ ГО ПОПРЕЧИ ПАТОТ КОН ЕУ РАБОТИ ЗА РУСКИ ИНТЕРЕСИ“ Ајде на 8 мај на референдум да го прашаме народот дали е за Европската Унија, вели Бујар Османи во поткаст на Плусинфо
„Ако и на овие претседателски избори се покаже дека етничката припадност кон мнозинската заедница е клучна за изборот на шефот на државата, тоа ќе покаже дека имаме проблем што мора да се реши“, вели претседателскиот кандидат на ДУИ, објаснувајќи го предлогот на Али Ахмети шефот на државата во иднина да се избира во парламентот, со двотретинско и со Бадентерово мнозинство.
Претседателскиот кандидат на ДУИ, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи, очекува во првиот круг на претседателските избори да освои повеќе од 50.000 гласови од етнички Македонци, колку што на претседателските избори во 2009 година освои Имер Селмани.
– Ова ќе биде сериозен тест. Ако при компетитивен кандидат каков што се сметам јас, човек којшто успеа да го внесе македонскиот јазик како официјален јазик во Европската унија, повторно се покаже дека етничката припадност е единствениот клуч за избор на претседател, тоа ќе значи дека ние имаме сериозен проблем – вели Османи во најновото издание на поткастот на порталот Плусинфо.
Во разговор со новинарот Бранко Героски, Бујар Османи детално ги објаснува причините за иницијативата на ДУИ во иднина шефот на државата да се избира од парламентот, со двотретинско и со Бадентерово мнозинство, а не на општи и непосредни избори, како сега.
– Мојата кандидатура не е само кандидатура на еден политичар кој има уникатно меѓународно и домашно искуство, туку повеќе референдум за една идеја на којашто ѝ е дојдено времето, во Северна Македонија да се рушат замоците на етничкиот монопол, да се нормализира еднаквоста – вели Османи.
Османи и Героски водат полемика за тоа дали промената на уставниот модел на избор на шефот на државата е можен без намалување на неговите уставни надлежности, поврзани со начинот на кој сега се избира претседателот. Дилемата за која се разговара е дали новиот модел навистина ќе ги реши проблемите на кои посочува Османи, или функцијата ќе се сведе на церемонијал мајстор, односно ќе биде лишена од реална политичка моќ.
Претседателскиот кандидат на ДУИ зборува и за реториката според која сите кои се спротивставуваат на решенијата од Преговарачката рамка за ЕУ и посебно на актуелниот предлог на уставните промени, се под руско влијание, дека се дел од т.н. руски свет, од т.н. српски свет, дека вршат хибридни напади врз владата и слично.
Османи и Героски водат жестока полемика и за прашањето колку навистина домашната јавност, некои политичари, медиуми и новинари се под руско влијание, или на дело гледаме нешто што во т.н. руски свет се означува како ждановизам, а во американската традиција – макартизам.
Претседателскиот кандидат на ДУИ и новинарот полемизираат и за прашањето зошто историските прашања, како она за Цар Самуил и за Гоце Делчев, на пример, се предмет на политичка дебата меѓу Скопје и Софија, но и тема која се наметнува и во контекст на преговорите меѓу нашата земја и Европската Унија.
Следете ги поткастите на Плусинфо на следниот ЛИНК.