СЕКОЈ ПОП ВО СВОЈА ФИРМА СЕ КРСТИ Вработени во името на Бога, но не и по земските закони

Во јавноста речиси ништо не се знае за тоа како функционира вработувањето во Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Но кога ќе се загребе под површината, излегува на виделина еден исклучително шаренолик и противречен систем.

380

Македонската православна црква (МПЦ-ОА) има повеќе од 2.000 цркви и манастири, епархии и храмови, но само 99 лица кои официјално се водат како вработени. Оваа бројка се однесува на административен и на технички кадар: секретари, благајници, хигиеничари, лица за одржување… Но, не и на сите свештени лица.

– Тие се пријавени, имаат платени придонеси, им тече стаж и се здравствено осигурани, исто како секој друг вработен во државава – брифираат извори од МПЦ-ОА.






Но штом ќе се поместите од канцелариите кон олтарите, сликата драстично се менува.

Најголемиот дел од луѓето кои ги среќавате на влезот во црквите и коишто продаваат свеќи, темјан или бројаници – не се вработени.

– Најчесто се пензионери или студенти од Богословскиот факултет, кои волонтираат. Не се пријавени, немаат договор, не им се плаќаат придонеси. Но не се ни без никаков надомест. Црквата се грижи да не останат со празни раце – објаснуваат нашите соговорници.

Парите од свадби и од погреби се уплатуваат како дневен промет

Најмистериозниот дел од системот е статусот на самите свештеници. За повеќето од нив, особено во Скопје, важи едно многу необично правило: секој поп е – правно гледано – фирма за себе. Самиот закон го бара тоа од нив.

Тоа подразбира дека самиот свештеник поседува фирма и е одговорен за своите придонеси и даноци.

– Повеќето свештеници поседуваат фирми и се водат како трговци-поединци. Тоа значи дека сами се грижат за да си обезбедат плата, здравствено и пензиско осигурување. Во пракса тоа значи дека парите заработени од погреби, венчавки и од други верски обреди тие ги носат во банка во вид на дневен промет и ги уплаќаат на сметката од својата фирма. Црквата има увид во нивната заработка и тие за неа одвојуваат дел од прометот – објаснуваат нашите извори.

Селските попови со попразни џебови

Свештеник од еден голем црковен храм во центарот на главниот град сведочи за поинаква практика.

– Дозволено е секој храм да си води своја политика. Јас лично не поседувам фирма, ниту сам плаќам придонеси. Платата, здравственото и пензиското осигурување ми ги плаќа црквата во која служам заедно со уште пет свештеници. Ми тече стаж, редовно добивам плата и кога одам на обред, дел од заработените пари ги уплаќам како такса во црквата, а остатокот го делиме на шест еднакви делови за сите свештеници. Така е праведно и коректно – објаснува тој.

Токму тука се отвора прашањето колку е (не)исплатливо да се биде свештеник во рурален реон каде што има помалку верници, а паралелно на тоа и поретко се случуваат верски обреди.

– Разликите меѓу градските и селските свештеници се очигледни и тешко премостливи. Градските имаат постојан прилив на верници, крштевки, свадби и погреби, додека селските свештеници имаат малку прилики за заработка. Во селата нема многу крштевки и свадби. Таму најголемиот приход за свештениците се прави во периодот кога се осветува вода по куќите. Во тие денови еден селски свештеник може да заработи околу четири-пет наши градски плати. Ние, пак, во градот, ретко одиме по станови за да осветуваме вода, додека во селата, пак, луѓето не ги одбиваат свештениците – вели нашиот соговорник.

Ако верниците не запалат свеќа…

Еден од ретките што јавно и отворено зборува за ова е крушевско-демирхисарскиот епископ г. Јован. Неговата епархија, вели, е толку сиромашна што не се собираат пари дури ни за платата на архиерејот.

– Кај нас ниту еден поп нема фирма. Сите приходи се од верниците: свеќи, темјан, пари на икона… Можете ли да замислите за колку малку пари станува збор? – прашува епископот.

Тој додава:

Епископ Јован

Скопските свештеници се ситуирани, добро заработуваат. Но да ги прашате оние во Демир Хисар, Крушево, Делчево, Пехчево... тие живеат на работ на егзистенцијата

– Скопските свештеници се добро ситуирани, добро заработуваат. Но да ги прашате оние во Демир Хисар, Крушево, Делчево, Пехчево… тие живеат на работ на егзистенцијата – додава епископот.

На прашањето дали ова било тема на некоја од седниците на Синодот, одговара – не.

– Очигледно никому не му се слуша за овие луѓе. А зборуваме за луѓе кои не знаат дали ќе имаат леб на маса следниот месец. Или, уште полошо – дали ќе имаат за терапија кога ќе се разболат – вели г. Јован.

Какви давачки треба да плаќаат верските заедници?

Верските заедници се третираат како непрофитни организации и не се обврзници за данок на добивка, освен ако во рамки на своето работење остварат приходи од стопанска дејност – во тој случај, ако приходот надминува еден милион денари годишно, должни се да платат 1% данок на вкупен приход, појаснуваат од Управата за јавни приходи (УЈП).

Од таму додаваат дека кога верските заедници вработуваат лица, тие се обврзници за пресметка и уплата на придонеси од задолжително социјално осигурување – пензиско, здравствено и осигурување при повреда и невработеност – како и данок на личен доход.

Сите обврски се пријавуваат преку месечна пресметка на плата (МПИН), исто како и кај останатите работодавачи.

„Верските службени лица, пак, кои вршат верски обреди или други религиозни активности, се регистрирани како вршители на дејност и самите ги уплатуваат пресметаните придонеси за пензиско и здравствено. Основата за пресметка на овие придонеси изнесува 50% од просечната месечна плата објавена во јануари тековната година“, велат од УЈП.

Дополнително, овие лица го плаќаат и данокот на личен доход по паушално утврден нето-приход.

„Паушалниот данок го утврдува УЈП врз основа на неколку критериуми – возраст, способност, место на вршење дејност и други фактори предвидени со законот, а сè тоа врз основа на поднесено барање од страна на верското службено лице“, се вели во одговорот од УЈП.

Продолжува утре: МОНАСИТЕ ГЛУМАТ ЗЕМЈОДЕЛЦИ ЗА ДА ИМ ТЕЧЕ СТАЖ Се молат за здравје за да не молат за донации

Поврзани содржини