СЕКОЈ ПЕТОК УРДА СТАНУВА МЛЕКОТО Вучиќ сериозно ги сфати бизнисмените, ќе се работи 24/7
Иако сѐ е договорено до детали, тоа не се почитува. Затоа сега ќе има детална контрола, ќе се работи и сабота и недела, рече Вучиќ додавајќи дека денеска разговарале со бизнисмените кои детално им ги објасниле проблемите со кои се соочуваат и побарале од политичарите брзи решенија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изрази лична фрустрираност поради тоа што на терен не функционираат договорите за соработка и се случува повеќедневен застој на камионите на границите при што се ризикува да се расипат производите кои се транспортираат, како што се свежо млеко, зеленчук или овошје.
– Иако сѐ е договорено до детали, тоа не се почитува. Затоа сега ќе има детална контрола, ќе се работи и сабота и недела – рече Вучиќ додавајќи дека денеска разговарале со бизнисмените кои детално им ги објасниле проблемите со кои се соочуваат и побарале од политичарите брзи решенија.
Вучиќ на прес конференцијата по денешниот состанок на иницијативата „Отворен Балкан“ што се одржа во Белград и на кој присуствуваа албанскиот премиер Еди Рама и вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија, Никола Димитров, призна дека она што досега е договорено не може да се спроведе и дека политичарите немале поим дека постојат некои проблеми.
– Нашата работа е да видиме каде потфрливме на терен. Бизнисмените ни велат дека кога треба да извезат сирово млеко во Северна Македонија и кога ќе стигнат на граница во петок навечер, треба да чекаат до понеделник наутро, што е неприфатливо. Иако се договоривме за сѐ, затоа сега ќе оди целосна проверка и контрола – посочи Вучиќ.
На средбата е договорено да се направи Имплементационен совет, да се направат состаноци со институции и со инспекции, за да се анализира како оди протокот на стоки.
Вучиќ најави дека ќе се олеснат процедурите во однос на купувањето недвижности и во однос на оданочувањето меѓу С Македонија и Србија, а следната трилатерална средба ќе биде во Тирана после 25 декември.
Димитров: Македонија останува во Отворен Балкан и ако се смени власта
Македонскиот вицепремиер Никола Димитров одговарајќи на новинарско прашање на прес конференцијата рече дека не гледа ризик за излез на Северна Македонија од „Отворен Балкан“ во случај на промена на власта во земјава.
– На пример, македонска компанија која увезува од Србија и извезува во Србија губи околу три недели, чекајќи на одбренија од фитосанитарните инспекции и покрај тоа што двете земји имаат договор во кој се предвидува дека е доволно одбрување од само една лаборторија – рече Димитров и оцени дека на средбата е искажана политичка волја ова да се преточи во законодавна рамка преку меѓународни договори.
Вучиќ: За три-четири години ќе ја видите разликата меѓу нас и другите
Српскиот претседател е задоволен од средбата. Според него, за три-четири години, трите земји ќе бидат многу понапред од регионот. Тој вели дека вратата е отворена и за Подгорица, Приштина и за Сараево.
– Кој сака е добредојден, а кој не сака, не мора. За три или четири години ќе ја видите разликата во стапката на раст меѓу нас и другите. Отворениот Балкан е нешто што обезбедува слобода на луѓето, големи можности за бизнисмените, побрза размена на услуги, дигитализација, трансформација. Не гледам зошто некому би му пречело – вели тој.
За Вучиќ битно е укинувањето на царините, но и вмрежувањето на фирмите. Тој рече дека Албанија веќе дала зелена листа за 20 свои фирми, а Србија има 30-40 за кои знае дека се безбедни. Тројцата политичари се договориле да се формира „Имплементациски совет“ кој во следните 7-10 дена ќе се состане со инспекциските служби од земјите за да се договори слободниот проток на стока и добра.
– Денеска навлеговме во суштината на проблемот, ги разбравме сите неволји на нашиот народ и се обидуваме да ги решиме. Имаме доволно работа и грижи што секој пат некому треба да се правдаме. Не ми паѓа на памет да се правдам пред никого во Европската Унија или во регионот. Зошто да се правдаме затоа што правиме нешто добро? – рече тој.
Тој исто така рече дека целта е да се отстранат пречките за транспорт на стоки.
– Се договоривме за суштината така да се прави, кога ќе се изврши царинската проверка, да ја добиете царинската декларација во Суботица и во Белград, да нема кој да ве спречи на царината во Северна Македонија и да продолжите до Тирана. Сега, кога ќе дојдеш во Албанија, пак имаш царина, проверуваат царински декларации и наплаќаат што треба – објасни тој.
Вучиќ изјави дека целта не е „десет пати да се запираат камионите“. Сепак, според него, неопходно е и дигитално вмрежување.
View this post on Instagram
Рама: Во Албанија дошле 63% повеќе туристи од Србија и 22% повеќе од Македонија
Според албанскиот претседател Рама, поддршката за иницијативата „Отворен Балкан“ била дадена едногласно од трите земји, а тие веќе имале средба и со претставниците на Атлантскиот совет кој исто така дал зелено светло.
– Тие дојдоа да ја поддржат оваа иницијатива и да ги поддржат нашите напори. Очекуваме и да ги видиме конечните резултати од студијата што ќе бидат претставени на состанокот во Тирана – рече Рама и додаде дека студијата ќе ги покаже ефектите од иницијативата Отворен Балкан за сите земји.
Како што објасни тој, денеска трите земји во Белград зазеле заеднички став по однос на ЕУ, но дека треба да се разбере дека и ЕУ има свои проблеми.
– Но, тие (од ЕУ) навистина ги блокираат Албанија и Северна Македонија во евроинтеграциите – додаде Рама и додаде дека денеска е заклучено да не се откажуваме од градење на нашите земји според стандардите на Европа.
Рама истакна дека бројот на српски туристи во Албанија е зголемен за дури 63%, а од С Македонија за 22%.
– Тоа се бројки кои имаат директно влијание врз економијата, убеден сум дека ќе продолжат да растат – рече тој.
Рама најави и дека на следниот состанок во рамките на иницијативата Отворен Балкан во Тирана, што ќе се одржи во декември, сите договори ќе се претворат во „конкретни резултати“ и посочи дека Србија направила голем исчекор во привлекувањето на странски директни инвестиции.