Секој пат ја промашуваат целта
Ако опозицијата се нормализира, ќе види дека можеби ќе наиде на одговор или ќе ја стави Власта во позиција да не може само да ја користи како оправдување за своите слабости.
Жалосно е што во ваков драматичен момент, кога треба да настапи одредено лично воздржување, а особено опозицијата да разбере дека нејзиниот протагонизам или факторизација, не може да се остварат преку контирање и негодување, напротив дека сега е момент за разумност, па дури и домашни преговори.
Секој пат ја промашуваат целта.
Ок, незадоволни сме еден куп луѓе од раководење со кризата, како што сме незадоволни од многу аспекти во раководење со бугарското однесување.
Но, на крајот на денот, што е важно?!
Животот и проблемите течат и колку и да е со грешки некој мора да ги решава проблемите како што знае.
Пример, со Бугарија мораме да најдеме решение, не мора да е дефинитивно, но мора да се најде ако сакаме да продолжиме напред. Тука опозицијата не помага, а би можела, ако само запре со напади и ги запре своите гавази.
На поле здравство исто, гледаме како Власта, решава да тера по свое, и ако е така, тогаш не се исклучувај од проблемот, пробај да се инволвираш како знаеш и умееш.
Конечно и опонирањето во Собрание и категоричното бегање од онлајн седници.
Можеби ќе ве интересира
Нели разбира опозицијата дека Собранието секогаш било и ќе биде најдобриот инструмент за нејзина промоција и влијание. Премногу искуства тоа ни го покажале и не случајно најгордите моменти на отпорот, но и најсрамните реакции на режимот се случија преку Собранието.
Дечки, за се се преговара, за се се доаѓа до некое решение, се наоѓа на пола пат, доста беше од крајности, крајностите не водеа и се уште не водат во пропаст.
Тоа не значи дека Власта има право да отфрла се и сешто и тотално негаторски да се однесува кон опозиција која се уште има гревови за отплаќање.
Напротив, но ако опозицијата се нормализира, ќе види дека можеби ќе наиде на одговор или ќе ја стави Власта во позиција да не може само да ја користи како оправдување за своите слабости.
Борбите за Македонија уште долго време нема да завршат, и сите имате, сите имаме шанса да дадеме допринес, но не само низ контирање.
И тоа го кажува контраш, ама јас, како и многу други луѓе сме поединци, вие сте бре луѓе организации, структури, групи на сили и моќ кои е редно време да се опаметите.
Се чувстува кога е време за малку кочница, без разлика колку гледаме неправди и колку мислиме дека не е најдобро.
Не иде вака, не ни треба домашниов конфликт во моментов, и секоја паметна сила ќе разбере, дека наместо само контра, во овој момент повеќе ќе помогне, повеќе сама себе ќе си помогне, преку соработка.