Секој глас на 24 април и на 8 мај е глас за промени, глас за Македонија!

Секој глас е и глас за одбрана на изборниот процес и на демократијата. Секој глас е и глас против плановите на некои луѓе да предизвикаат политичка, меѓуетничка и безбедносна криза во Македонија, за така да опстанат на власт. Секој глас ќе ја потврди нашата способност за промени, а таа – способноста за промени – е мерката на нашата интелигенција, вели Ајнштајн.

5,309

В среда на 24 април и потоа в среда на 8 мај, вие, почитувани читатели, македонските избирачи, имате можност да ја преземете власта во свои раце и во тие клучни 48 часа да одлучите кому ќе ја предадете во следниот мандат.

Следните четири години вие ќе мора да живеете со таа одлука. Секој од вас. И вашите најблиски, коишто сè уште немаат право на глас.






Одлуката да го искористите правото на глас и така непосредно да учествувате во политиката, верувајте, секогаш е исправна.

Дури и ако сте се убедиле дека „сите се исти“ и ако сте ја изгубиле вербата во политиката и во политичарите.

Дури и кога немате свои фаворити во трката.

Дури и ако не ви е до ништо, па ни до гласање.

Гласајте!

Имајте на ум дека генијалниот Платон рекол дека казната за одбивањето да се учествува во политиката е тоа што утре со вас ќе владеат инфериорните. Ќе бидете на милост и немилост на некои нови некадарници, помалку способни и полоши и од сегашниве. Ако воопшто можете да замислите такви …

Но, вие тогаш ќе немате право на приговор, бидејќи кога требало да излезете на избирачките места и да донесете одлука, сте дремеле дома во папучи. Вашата казна ќе биде без право на жалба, конечна и извршна.

Егзекуцијата ќе биде болна и долготрајна. Цели четири години …

На овие избори има уште еден дополнителен мотив да гласате – сите досегашни истражувања на јавното мислење покажаа дека граѓаните на Македонија не се задоволни од оваа власт, а огромното мнозинство се убедени дека земјата се движи во погрешна насока.

Со други зборови, потребно е овој брод да запре да јури ко глисер кон карпите на брегот и веднаш да ја промени насоката. За таков храбар и вешт маневар, потребни му се и нов капетан и нови кормилари. А најмногу – нов курс и нова енергија за сигурна пловидба низ бурните мориња.

Знам дека многумина од вас, почитувани читатели, ќе ме опоменат дека и пред седум години сум „агитирал“ за промени. А ќе лажам ако речам дека не било така. И не ми било прв пат. Безмалку на сите избори барам исто – промени.

Сепак, јас нема да ви се извинам поради таа моја „кауза“, бидејќи како и пред седум години, а и повеќе пати пред тоа, имам добри причини пак, еве и јавно сега, да „гласам“ за промени.

Знаете и самите, луѓето кои дојдоа на власт пред седум години, носени на бранот на промените за кои се изборивме тогаш, не ги оправдаа ни моите ни вашите очекувања. Владееја лошо. Не водеа доволно грижа за нашите национални интереси. Не ја подобрија економијата. Не ја намалија сиромаштијата. Ветија борба за правда и за мир, а зацапаа во рекет, криминал и корупција. Младите продолжија да се иселуваат од Македонија. Дури и претседателот еднаш рече дека би се иселил од оваа земја, кога не би бил претседател.

Па има ли подобар аргумент од таа страшна изјава, дека ни се неопходни промени?

Впрочем, слушате и самите – тие од власта го признаваат тоа. Со половина уста, додуша. Велат „извинете, грешевме“, а потоа ветуваат дека во следниот мандат ќе бидат подобри, дека ќе работат ден и ноќ, за да не ве изневерат.

Ваше е дали ќе им поверувате.

Мое е да констатирам дека сите, па дури и тие во чии раце ја предадовме власта пред седум години, се свесни дека промените се нужни.

Некој можеби ќе праша – а до кога промени и само промени?

Јас би одговорил – додека е потребно, додека не ни тргне на подобро.

Досетливиот Марк Твен на ова прашање има духовит одговор, кој можеби е најблиску до вистината: „Политичарите и пелените мора често да се менуваат – од истите причини“.

Конечно, вашиот глас на овие избори, почитувани читатели, е исклучително важен и од уште една друга причина. Вие гледате дека има луѓе кои се спремни да предизвикаат политичка, меѓуетничка и безбедносна криза во Македонија, за така да опстанат на власт.

Ги слушате ли на плоштадите нивните воинствени повици, како во 2001 година?

Некои од нив отворено ни се закануваат дека ќе го спречат формирањето на новата македонска влада и на тој начин ќе ја фалсификуваат волјата на избирачите.

Некои алчни и корумпирани луѓе од политиката, едноставно, мислат дека се незаменливи и навистина ќе сторат сè за да ги сочуваат фотелјите.

Освен тоа, лажат дека за својот валкан план имаат меѓународна поддршка.

А сите многу добро знаеме дека „нашиве“ мангупи, што ви се извинуваат лицемерно, нема да се спротивстават на таквите уцени и закани. Напротив, ќе се потрудат на насилниците што вреват на плоштадите ѕвездите од небото да им ги симнат. Да им ветат сè. Да им дадат сè. Како до сега. Како до сега. Ако треба и повеќе од тоа. Бидејќи, тие си се заедно. Како што сиве овие години заедно ја раскрчмуваа Македонија.

Ете затоа, почитувани читатели, секој од вас што држи до своето јас, секој стамен и доблесен човек, секој човек со личен интегритет, во тие две клучни среди – на 24 април и на 8 мај – треба да го понесе својот дел од одговорноста за иднината на земјата.

Тоа не е малку, но да се разбереме, не е ни премногу. Зарем е премногу човек да се дотера, да појде до своето избирачко место, да се легитимира и да застане зад параванот, каде што се гласа тајно?

А секој глас е важен.

Секој глас може да биде решавачки.

Секој глас е влог во промените што можат да донесат подобра иднина за оваа напатена земја.

Секој глас е и глас за одбрана на изборниот процес и на демократијата.

Секој глас е глас за Македонија.

Секој глас ќе ја потврди нашата способност за промени, а таа – способноста за промени – е мерката на нашата интелигенција, вели Ајнштајн.

 

Поврзани содржини