Секој ден вакцина за некој министер – денеска ѝ се падна редот на Шахпаска
Во одговор на новинарско прашање министерката рече дека поединечното вакцинирање на дневно ниво е да се испрати порака дека вакцинирањето е многу значајно за индивидуалниот и специфичен имунитет кој секој граѓанин ќе го стекне.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска ја прими првата доза од вакцината против ковид-19. Таа изјави дека сите вакцини се проверени и квалитетни и ги повика граѓаните да се вакцинираат.
– Штотуку ја примив првата вакцина против ковид-19. Доколку голем број граѓани, доколку сите ние се вакцинираме, тогаш и колективниот имунитет ќе биде поголем. Многу е значајно што поскоро да излеземе од пандемијата со ковид-19 и да се вратиме на нашите секојдневни обврски, да продолжат нашите животи со еден нормален тек, со едно нормално секојдневие кое што беше типично пред почетокот од пандемијата – рече министерката.
Таа очекува до почетокот на лето да бидат вакцинирани повеќе граѓани и да стекнеме колективен имунитет.
– Ме радува фактот што голем број од граѓаните веќе се пријавиле за вакцинација и ние како Влада со динамиката со која се одвива процесот на вакцинирање очекуваме дека до почетокот на летото поголем број граѓани ќе бидат вакцинирани и на тој начин ќе се стекнува колективниот имунитет – рече Шахпаска.
Во одговор на новинарско прашање министерката рече дека поединечното вакцинирање на дневно ниво е да се испрати порака дека вакцинирањето е многу значајно за индивидуалниот и специфичен имунитет кој секој граѓанин ќе го стекне.
– Министерството за здравство има веќе една кампања која што тече на Националниот радиодифузен сервис, а ние сите на дневно ниво во нашите контакти и средби со граѓаните апелираме дека вакцинацијата е неопходна – додаде министерката Шахпаска.