СЕКОЈ ДА ИСЧИСТИ ПРЕД СВОЈОТ ВЛЕЗ Снегот ги раздвижи службите

Индустриската сол има ефект до - 7 степени Целзиусови и поради ниските температури можно е појавување на голомразица на коловозот поради што се апелира на голема внимателност во сообраќајот.

204

Екипите на зимската служба од ноќеска и утрово се на терен и ги чистат булеварите и улиците под надлежност на Градот, кои се чисти и проодни. Од почетокот на врнежите на снег до сега се фрлени 300 тони индустриска сол.

Чистењето на сообраќајниците и тротоарите го вршат екипите на јавното претпријатие „Улици и патишта“, на располагање е и механизацијата на преостанатите јавни градски претпријатија. Покрај чистењето на сообраќајниците, активни се и тимовите и на преостанатите градски јавни претпријатија кои интервенираат со луѓе и со механизација во чистењето на јавните површини, расчистување на паднатите дрвја и на сливниците.






И во текот на денешниот ден продолжуваат активностите на зимската служба, кои, како што најавуваат од Градот, ќе интервенираат според потребите, согласно со условите на теренот.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Индустриската сол има ефект до – 7 степени Целзиусови и поради ниските температури можно е појавување на голомразица на коловозот поради што се апелира на голема внимателност во сообраќајот.

Во надлежност на Град Скопје се булеварите и поголемите градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.

– Апелираме до сите стопански субјекти во градот и до сите граѓани, кога ќе падне снег, да ги почитуваат законските обврски и да го расчистуваат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни, односно станбени објекти – велат од Градот.

Екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје од секторот канализација, утрово ги чистат сливниците и шахтите на територијата на Скопје, со цел системот да биде подготвен да ги прими водите по топењето на снегот и нормално да функционира атмосферската канализација.

Во општина Кисела Вода исчистени се приодите до градинките, тротоарите и пешачките патеки. Интензивно се работи на Теферич, во Припор, во Драчево, во моментов се чистат Пржино и Црниче.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, за неопходните потреби на граѓаните на располагање ги стави сите службени возила. Воедно, службите на Општината се достапни 24 часа за граѓаните кои имаат потреба од дополнителна интервенција за расчистување на напластениот снег. Контакт може да се оствари на телефонскиот број 075/309-548 (Далибор), на [email protected] или на фејсбук страницата на Општина Кисела Вода.

– Апелираме до сопствениците на деловните објекти да ја исполнат својата законска обврска за расчистување на снегот од пред влезот на објектот, а исчистениот снег да не го фрлаат на улиците со што би ја отежнале работата на нашите служби – велат од Кисела Вода.

Жителите на општина Центар можат да пријавуваат снежни наноси на телефонскиот број 076 381 673.

Поврзани содржини