СЕКОЈА ГОДИНА ВО ЕВРОПА СЕ ОТКРИВААТ ПО 450 НЕЛЕГАЛНИ ЛАБОРАТОРИИ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ДРОГА Постојано се појавуваат нови супстанции на пазарот
Преку системот за рано предупредување во последните 27 години се евидентирани илјада нови психоактивни супстанции.
Директорот на Агенцијата на ЕУ за дрога (ЕУДА) Алексис Гусдел денеска предупреди на загрижувачката ситуација со дрогата во Европа која, според него, истовремено станала и извозник и увозник на дрога, но и на појавата на нови облици на психоактивни супстанции.
– Дрогата е насекаде во Европа, доаѓа до зголемување на производството, речиси 400 до 450 незаконски лаборатории се откриваат секоја година, но има и поголема потрошувачка на дрога – изјави директорот на ЕУДА на тематска седница на Комисијата за здравство на хрватскиот Сабор.
Секој денес познава барем едно лице што има акутен или хроничен проблем со дрога и зависност, додаде тој и ги наведе предизвиците со кои се соочуваат, а еден од нив е постојаната појава на нови супстанции на пазарот.
Преку системот за рано предупредување во последните 27 години се евидентирани илјада нови психоактивни супстанции, изјави Гусдел.
– Истовремено ЕУ е и извозник и увозник на дрога, особено екстази и амфетамини. Европа стана глобален производител. Во последните 7-8 години значително порасна насилството поврзано со дрога во сите земји членки. Имено, кога пред 10 години разговаравме за тоа со Европската комисија, зборувавме за Централна Америка, а денес зборуваме за ЕУ – истакна тој.
Крајната цел на Агенцијата е следење, рано предупредување и координација на одговорот. Клучно е, нагласи Гусдел, да се предвидува и да се биде подготвен за појава на нови облици на дрога.
Ситуацијата во Европа е загрижувачка, слично е и во Хрватска, предупреди полицискиот службеник од Дирекцијата на хрватската полиција Томислав Штамбук.
– Од полициска перспектива можеме да кажеме дека дрогата е сè повеќе присутна на улиците, можеби и повеќе од кога било, а кокаинот, производите од канабис и синтетичките дроги се нашиот доминантен проблем во овој момент. Исто така, имаме изразена динамика на појава на нови психотропни супстанции – рече тој.
Полицијата, додаде тој, се соочува со борба против злосторнички здруженија одговорни за дистрибуција на дрога, при што го наведе Балканскиот картел, кој сè уште е „многу голема закана за цела Европа како еден од најголемите увозници на кокаин, а кој станува сè поотпорен на полициските акции“.