СЕКОЈА ГОДИНА НОВИ 80 ДО 120 ПАЦИЕНТИ СО МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА Одбележан Светскиот ден на лицата со МС
Повеќе од 50 пациенти се на листата на чекање за примање на високоефикасна терапија. Овие лица се млади, работоспособни и сѐ уште можат да го дадат својот придонес во општеството, но ако и понатаму останат без терапија согласно природата на самата болест постои ризик за прогресија и појава на неповратен инвалидитет, велат од здружението на пациенти со мултипла склероза
По повод 30 мај – Светскиот ден на лицата со мултипла склероза, денеска се одржа марш за подигање на свеста за проблемите со кои се соочуваат овие лица, во организација на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија.
Настанот почна во 11 часот пред порта „Македонија“ и продолжи во правец на Собранието до Домот „Даре Џамбаз“.
Денот беше одбележан и со настан организиран од Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза на кој посочија на недостапност на ефикасна терапија за голем број пациенти со МС, како и на тоа дека во слична ситуација се и оние кои чекаат со месеци да добијат современ третман.
Истовремено, бројот на новодијагностицирани пациенти со МС постојано расте, бидејќи секоја година се дијагностицираат нови 80-120 пациенти. Повеќе од 50 пациенти се на листата на чекање за примање на високоефикасна терапија.
Повеќе за ова на порталот „Мајка и дете“.