СЕГА СМЕ ПРЕД НОВ МОМЕНТУМ Османи вели дека се договара заедничка седница со Софија на 25 јануари

Од успехот на овие посети ќе зависи и насоката и силината на новиот моментум во односите меѓу двете земји, и оттука сите активности кои го загрозуваат овој успех ги сметам за непродуктивни и нефер, оцени Османи.

956

Министерот за надворешни работи Бујар Османи се огласи преку својот профил на Фејсбук откако вицепремиерот Никола Димитров денеска изрази недоверба во неговата работа во пристапот кон спорот со Бугарија.

„Во интерес на правилно информирање на јавноста, дозволете да информирам за начинот на кој се водат разговорите за надминување на отворените прашања со Република Бугарија, како во рамките на двете министерства за надворешни работи, така и во рамките на Владата и на државниот врв.

Преговорите на техничко ниво ги водат работни групи во кои членуваат искусни дипломати од Министерството за надворешни работи. Тие реферираат пред министерот за надворешни работи, но воедно тие настапуваат согласно стекнатите знаења и искуство во нивната децениска работа во куќата, секако застапувајќи ги државните стратешки интереси утврдени од Владата и од целиот државен врв.

Во истата насока, за важните стратешки прашања во Владата секогаш се формира Работна група – највисоко политичко тело кое по правило го предводи премиерот, и на кое постојано се повторуваат и прецизираат државните интереси на земјава, кои Владата и Министерството за надворешни работи ги застапуваат при разговорите со своите колеги.






Ова не се однесува само на сегашните разговори за надминување на отворените прашања со Република Бугарија, туку за етаблирана пракса која беше применета и при создавањето на Договорот од Преспа, чиј успех има колективна заслуга: од дипломатите во МНР, преку работната група во Владата, па сѐ до сѐ уште актуелниот премиер, што е повеќепати потврдено практично од сите меѓународни пријатели на земјата.

На крајот, и моите лични позиции, како министер за надворешни работи и како човек апсолутно соодветствуваат со државните позиции кои како Влада активно ги застапуваме, и тоа: и кога заеднички ги градевме државните интереси при создавањето на Договорот од Преспа; и кога заеднички го создававме Договорот за пријателство со Бугарија; а и сега, кога повторно разговараме за надминување на разликите со нашите соседи“, напиша Османи.

Според него, пред нас во формирање е еден нов политички моментум создаден преку новите мандати на владите во двете земји.

Граѓаните очекуваат од нас да ја искористиме оваа нова политичка иницијатива за да ја зајакнеме довербата меѓу двете влади и меѓу двете држави. За ова и јас лично, но и Министерството за надворешни работи, е во постојана комуникација и со Работната група во Владата, и со актуелниот премиер, а консултации правиме и со новиот мандатар кој очекуваме наскоро да ја преземе функцијата.

Резултат на оваа активност е веќе договорената посета на високата владина делегација предводена од премиерот Петков на Скопје на 18 јануари, а во постојана комуникација со нашите колеги од Бугарија, веќе работиме да постигнеме согласност за одржување и на заедничка седница на двете влади само една недела подоцна, или на 25 јануари. Од успехот на овие посети ќе зависи и насоката и силината на новиот моментум во односите меѓу двете земји, и оттука сите активности кои го загрозуваат овој успех ги сметам за непродуктивни и нефер“, наведе тој и ги повика јавно сите колеги, сегашни и поранешни, да покажат доблест и фер однос едни кон други, да го задржат нивото и довербата кои долги години и меѓусебно ги граделе, и да им ја обезбедат европската иднина на граѓаните која предолго само им ја ветуваат.

Поврзани содржини