СЕГА СЕ ПОЛНИ РЕЗЕРВОАРИТЕ, НО АВТОБУСИТЕ СЕ ПРАЗНИ Јавниот превоз се нормализира, ама патниците денеска не го користат
Граѓаните коментираат дека многумина се исплашени оти и денеска ќе нема автобуси, па заминале на работа со автомобили или на друг начин.
Од утрово е нормализиран јавниот превоз во Скопје.
Јавното претпријатие „Скопје“ деновиве остана без нафта, а граѓаните без организиран јавен превоз, поради што Владата вчера попладне на итна седница одлучи да прогласи кризна состојба и да му даде нафта од државните резерви.
Нафтата синоќа е испорачана во двете бази на ЈСП во Автокоманда и во Ѓорче Петров и од утрово автобусите на ЈСП ги превезуваат граѓаните.
Приватните автобуси, пак, и натаму не возат.
Но, во автобусите нема патници и тие возат речиси празни. Граѓаните коментираат дека многумина се исплашени оти и денеска ќе нема автобуси, па заминале на работа со автомобили или на друг начин.
Владата вчера информираше дека Бирото за јавни набавки донесе одлука за спроведување на постапка со преговарање, без објавување на оглас, за да се скрати периодот за набавка на нафтата за ЈСП. Се очекува во наредните денови да се набави нафтата и јавниот градски превоз да продолжи, колку-толку на организиран начин.
Денеска во 13.30 часот пред Град Скопје ќе се одржи протест што го организираат жителите на Шуто Оризари, на чело со градоначалникот Курто Дудуш. Тие ги повикаа сите граѓани да им се приклучат, затоа што проблемот ги засега сите скопјани. И студентите најавија дека ќе дојдат на денешниот протест.