СЕДУМГОДИШЕН СУДСКИ МАРАТОН ЗА СКАПОЦЕНИ АРТЕФАКТИ ИЛИ ЗА СУВЕНИРИ И БЕЗВРЕДНИ ДРЕБУЛИИ? Во наводната „злосторничка група“ саде болни старци и политички ветерани
Обвинителството тврди дека ова е случај на трговија со археолошки богатства, но одбраната посочува дека станува збор за пазарски сувенири. На вчерашното рочиште во судницата се расплеткуваа животни анегдоти за набавки на монети пред 20 или 30 години. Наместо цврсти докази за криминал, на рочиштето се расправаше за бакарни ѓумчиња, за пазарењи во Солун и за дијагнози кои забрануваат качување по скали. Она што го видовме повеќе наликуваше на театар на апсурдот одошто на судење за кое вреди да се трошат народни пари. Но, да видиме што ќе донесе денешната епизода во Кривичниот суд...
По долги 7 години судење, сè уште не е јасно дали во случајот што товари 8 лица, меѓу кои и познатиот инфектолог д-р Вело Марковски, обвинетите навистина тргувале со археолошки артефакти или само со речиси безвредни сувенири од чаршијата и предмети купени од разни трговци кои ја злоупотребуваат пасијата на некои луѓе за мали пари да купуваат и потоа да чуваат стари предмети.
На рочиштето во средата на 26 март, во судницата на Кривичниот суд во Скопје можеше да се слушнат приказни за бакарни ѓумчиња, за фотографирани статуи од интернет и за планинарски прошетки, што Обвинителството ги нарекува „копање артефакти“. Во судницата владееше атмосфера на изнемоштеност, забуни и недоразбирања, а некои од обвинетите едвај стоеја на нозе.
Според обвинението, обвинетите Ристо Панов, Александар Босилјанов и Живко Ристевски, со цел стекнување противправна имотна корист, создале група за вршење кривични дела, поврзани со недозволени археолошки истражувања и ископувања, во која членувале обвинетите Вело Марковски, Андони Бојаџи, како и уште 3 други лица. Обвинението тврди дека групата организирано копала и тргувала со предмети што имаале културно-историска вредност. Одбраната, пак, тврди дека станува збор за обични предмети – сувенири, семејни наследства и стари парчиња, главно купени на пазар.
Со текот на времето, случајот, отворен спектакуларно и со притвори, почна да наликува на парадокс – обвинетите се главно стари и болни луѓе, доказите се нејасни или не постојат, а сведоштвата многу повеќе откриваат животни анегдоти наместо некаков криминал.
Се познавале само „партиски“, собирале печурки и тартуфи
На рочиштето во средата, сведочење дадоа неколкумина, меѓу кои и 66-годишниот Гордан Ристовски, кој изјави дека го познава Ристо Панов од партиски активности. На состанок во кафулето „Парма“ на 19 јуни 2018 година, како што рече, станувало збор за координативен партиски состанок, а Ристовски бил претседател на Унијата на ветераните. Тој посочи дека не се сеќава дали имало лица од странство, но потврди дека на состанокот не се зборувало за тргување со артефакти.
Прашањата на обвинителката Маја Коневска се сведоа на тоа дали Ристовски го познавал Живко Ристевски, еден од обвинетите.
– Бевте на состанок со него тогаш? – праша Коневска, а Ристовски потврди дека биле.
– Порано не го знаевте? – праша Коневска.
– Сме се среќавале партиски претходно.
– Значи, по друг основ не сте го познавале?
– Освен партиски, не го познавав по друг основ – посочи Ристовски.
Следеше сведочењето на Аце Алексовски од Велес, кој објасни дека со обвинетиот Ристо оделе на планина за да собираат печурки и тартуфи, но дека никогаш не ископувале артефакти на планина.
– Никогаш не сум видел да копа артефакти – посочи тој, додавајќи дека оделе на планина само откако ќе врнело, бидејќи тогаш имало повеќе печурки.
Адвокатот Владо Џилвиџиев, кој го брани Ристо Панов, ја посочи клучноста на сведокот Васка Трајковска, вработена во дуќан во Старата скопска чаршија. Панов, тврди Џилвиџиев, купувал сувенири кај неа, а предметите, кои ги поседувал и за кои е обвинет, биле фотографирани со мобилен телефон токму во нејзиниот дуќан.
– Постои доказ со слики од мобилен телефон, за кои обвинителството тврди дека покажуваат нелегални артефакти, а со сведочењето на Васка ќе се докаже дека поголем дел од фотографиите во телефонот на Панов се со предмети од дуќанот во кој таа работи, бидејќи на фотографиите се гледаат витрината и плочките од продавницата – објасни адвокатот на Панов.
„Имам ѓумче и монети од Солун, ги купив за 500 марки“
Андони Бојаџи, еден од обвинетите, мораше побргу да ја изнесе одбраната, бидејќи не беше во добра здравствена состојба, па неговиот адвокат посочи дека нема да биде во психофизичка состојба да говори подоцна на рочиштето.
Бојаџи зборуваше дека немал никакви артефакти дома. Тој објасни дека купил 12 монети и бакарно ѓумче на пазар во Солун пред 30 до 40 години.
– Ми се бендиса едно ѓумче за вода од бакар. Си велам, ајде да го земам, ми се виде евтино, го зедов и гледам мал куп монети. Колку што се сеќавам, околу 12 монети. Го прашувам за цена. Ми се бендисаа и ѓумчето и монетите за мене беа евтини – рече Бојаџи и посведочи дека за нив платил околу 500 германски марки, кои ги чувал во вазна дома во Солун, а потоа ги донел во Струмица.
– Тоа се истите монети што ми ги одзеде полицијата. Кога се преселив во втората ми татковина, ги зедов и тие. Кога дојдоа луѓето да бараат, ех… Кога дојдоа од полицијата кај мене дома, ми рекоа: „Kаде ти е златото?“. Јас им реков: „Немам“. „Имате монети?“, прашаа тие. „Имам“. Им ги дадов монетите, не беа скриени – појасни Бојаџи.
Потоа кажа дека сите во неговата фабрика во Грција купувале по нешто од пазарот. За дел од другите обвинети рече дека не ги познава и дека првпат ги видел во судница. Александар Босилјанов го познавал одамна, а со Ристо не се знаел претходно.
– Во полициска станица првпат го видов – рече Бојаџи.
„Нели ѓумчето и монетите беа поскапи?“
Потоа следуваше директно распрашување од обвинителката Маја Коневска, која се обиде да го соочи обвинетиот Андони Бојаџи со разлики меѓу неговите претходни и сегашни искази.
– Со оглед на одредени разлики во фактите што ги кажавте во 2022 година… Тогаш рековте дека монетите ги купивте на пазарот во Солун, денеска рековте дека тоа било пред 30 години? – праша Коневска.
– Не реков 30. Реков некаде околу 30 – одговори Бојаџи.
– Во 2022 година рековте дека тоа било во 2004 година. Што е вистината?
– Можеби било помалку, можеби повеќе. Од 40 погоре не било, не памтам точно – објасни тој.
– Тогаш рековте дека ги купивте за 100 германски марки. Денеска велите 500 марки. Исто така, тогаш рековте дека полицијата побарала метал детектор, денеска велите дека побарале злато.
– Да, реков дека немам метал детектор и дека немам злато. Кога ме прашаа дали имам артефакти, им реков дека имам стари монети – објасни Бојаџи.
– Рековте дека го познавате Александар Босилјанов. А Јован Мазелков?
– Не, само комшии сме, за тие работи не ми е познат.
– А Ристо Панов? Претходно рековте дека го знаете, сега велите дека не го познавате?
– Не го знаев претходно – рече Бојаџи.
„Ми беше качен притисокот, па морав да си легнам додека инспекцијата го тресеше мојот дом“
Театарот на апсурдот продолжи со сведочење на обвинетиот Александар Босилјанов, иако неговиот адвокат, Мирослав Вујиќ, бараше изјавата на неговиот клиент да биде дадена по сведочењето на жената од чаршијата, Васка, која наводно му ги продавала предметите на Ристо, но судијката Софче Гаврилова Ефремова сепак инсистираше прво тој да одговара, бидејќи Васка можеби немало да сведочи.
Босилјанов изјави дека за артефактите слушал само како муабети во неговата пицерија, како разни глупости и дека никогаш не ги држел во рака, ниту, пак, знае точно што се. Рече дека го познава Ристо бидејќи му е кум, а со Антони Бојаџи заедно растеле, но дека другите обвинети не ги познава.
На прашањата дали му пратил фотографија од артефакт на Ристо Панов, тој рече дека не се сеќава. На прашањето за наводно носење предмети во Грција заедно со Бојаџи, тој негираше.
– Какви предмети сме носеле? Ние одевме на езерото по риба, како и цела Струмица. Пишува дека ние 3-4 километри сме оделе пеш и 4 километри сме оделе назад, тоа се 8 километри. А јас со ова здравје не можам да одам ни 200 метри– додаде Босилјанов.
Тој потоа ја раскажа сцената кога полицијата дошла да го претресува неговиот дом.
– Притисокот ми беше висок, внукот ми стави инјекција, па заспав. Кога дојде инспекцијата, праша дали ми треба адвокат. Прашав дали имаат налог за претрес. Го покажаа. Реков, не ми треба адвокат, пак си легнав. Не се сеќавам дали слегов да отворам, или им го фрлив клучот од тераса, си легнав пак – објасни Босилјанов
Инспекторите барале негова асистенција за претресот, но тој им рекол да го извадат инвентарот долу, бидејќи не можел да се качува по скали, по што повторно легнал в кревет, опиша Босаилјанов.
При претресот биле најдени и куршуми, а Босилјанов не знаеше да каже од каде би можеле да бидат најдени такви куршуми.
– Немам поим. Инспекторката правеше записници, а јас немав поим на што се потпишувам. Ми направија повеќе записници, јас се потпишував и си легнав – додаде тој.
Во врска со обвинението дека е дел од злосторничко здружение, тој одговори дека со својата килажа тој не може ни да копа и дека имал девет болести.
Васка ќе дојде на следното рочиште, адвокатот Вујиќ бесен
Потоа беше направена пауза, по која судијката информираше дека успеале да го исконтактираат сведокот Васка Трајковска и дека сведокот ќе се појави на следното рочиште, иако претходно се мислело дека нема да дојде.
Тоа предизвика револт кај адвокатот Вујиќ, кој посочи дека одбраната на Босилјанов била дадена под претпоставка дека Васка нема да сведочи, а тој инсистирал да ја изнесат одбраната по сведочењето на Васка. Тој ја обвини судијката за манипулација, заканувајќи се дека нема да дојде на следното рочиште, што предизвика судир и драматична атмосфера, а судијката му се закани со опомена.
„Патроните се прекршок, не криминал“
По завршувањето на рочиштето, во изјава за Плусинфо, адвокатот Владо Џилвиџиев ја појасни позицијата на одбраната на обвинетиот Ристо Панов. Панов, тврди Џилвиџиев, бил набеден и дека нелегално поседува оружје, освен дека продава артефакти, но дека тоа обвинение е неосновано.
– Станува збор за пушки кои биле семејно наследство, а Ристо бил обвинет за нелегално поседување оружје, односно, за поседување патрони од ловџиска пушка. Поседувањето патрони е прекршок, но не и кривично дело, дотолку повеќе што станува збор за семејна куќа, во која пристап и клучеви има целото семејство, односно сопствениците на оружјето – појасни Џилвиџиев.
Тој додаде дека е сосем нелогично обвинувањето дека за време на состанокот на припадниците на партија се договарало тргување со артефакти.
– Станувало збор за состанок на припадници на партија, кои се организираат за избирање претседател на Унијата на ветераните, а е прикажан како место каде што се договарала нелегална трговија со артефакти – појасни тој.
Џилвиџиев додаде дека таквото обвинување е надвор од памет бидејќи, како што рече тој, никој не договара нелегална трговија со антиквитети пред сведоци, на состанок за избор на претседател на Унија на ветерани, во скопско кафуле.
Седум години безмилосно се трошат народни пари – за што?!
Репортерот на Плусинфо ќе известува и на денешното рочиште (четврток, 27 март), ако за ништо друго, за да разбере од кои причини судии, обвинители и адвокати цели седум години безмилосно трошат народни пари, за да утврдат наводна вина на една група старци, чии сувенири купени по пазари и во антикварница, вредат многукратно помалку од сумата што ќе се изарчи за ова бескрајно судење. Она што го видовме во судницата на Кривичниот суд во Скопје наликуваше на театар на апсурдот.
Особено што во божемното „злосторничко здружение“ видовме луѓе за кои добивме впечаток дека повеќето одвај стојат на нозе, а сите заедно да копаат цел ден не би можеле да ископаат ни половина кубик земја. Овие луѓе многу повеќе наликуваат на некакви политички ветерани, хобисти и колекционери на евтини предмети, кои при купувањето веројатно биле изманипулирани за ситни пари од превејани трговци.
Останува да се види дали по денешното рочиште ќе стане појасно зошто запнало Обвинителството судски да ја „раскринка“ оваа „опасна злосторничка група“, составена од изнемоштени луѓе и каков е јавниот интерес да се гонат овие „маратонци“, од кои некои можеби го трчаат и последниот круг.