СЕДУМ ВОЗАЧИ ФАТЕНИ БЕЗ ДОЗВОЛА Mеѓу нив и малолетници зад волан, останаа без автомобили и со кривични
Двајца малолетници фатени зад волан, возилата одземени по наредба на обвинител.
Седум возачи биле приведени вчера низ државата откако полицијата ги фатила зад волан без возачка дозвола, а меѓу нив имало и двајца малолетници.
Акцијата се спровела на целата територија на Македонија, при што двајца возачи биле приведени во Скопје, а по еден во Гевгелија, Богданци, Гостивар, Тетово и Битола.
Особено загрижува фактот што еден од приведените во Гостивар е малолетник, како и еден од возачите во Скопје, кој управувал мотоцикл без положен возачки испит.
Сите лица се приведени во полициска станица, а по насоки на јавен обвинител возилата им се одземени. По целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од полицијата апелираат до граѓаните да не седнуваат зад волан без положен испит, ниту доколку имаат изречена забрана за управување или се под дејство на алкохол, со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот.