Седум владици го демнат тронот на СПЦ, МПЦ-ОА се моли да не победи Иринеј бачки
За решавање на проблемот помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА најмногу може да придонесе владиката Григориј, но тој е во немилост на власта во Србија и тешко дека самата држава ќе дозволи тој да биде главен на Црквата, брифираат за Плусинфо извори од СПЦ.
Српската православна црква (СПЦ) в четврток, преку тајно гласање ќе избере тројца кандидати за нов патријарх, но само еден од нив ќе го наследи тронот на патријархот Иринеј (Гавриловиќ) кој почина минатата година од ковид-19. На гласањето ќе учествуваат сите архијереи на СПЦ, а можност да бидат гласани имаат дури 34 владици. Конечниот избор на патријархот, според 80-годишната традиција на СПЦ, ќе го направи лично Господ. Имено, имињата на тројцата најгласани кандидати ќе бидат испишани на листови од хартија, а конечниот избор ќе биде направен преку апостолска ждрепка. Името на новиот српски патријарх со нетрпение очекуваат да го слушнат и владиците на Македонската православна црква (МПЦ-ОА), бидејќи токму тој избор може да значи и решение на долгогодишниот проблем кој го имаат двете цркви.
Седум имиња
Тоа што Плусинфо го дознава од високи извори во СПЦ е дека во трката за влез во потесниот круг се спомнуваат дури седум имиња на владици.
– Како најсериозни кандидати за нов српски патријарх се спомнуваат имињата на владиката бачки Иринеј, на загрепскиот Порфириј, зворничко-тузланскиот Фотиј, диселдорфскиот Григориј и на будимљанскиот Јоаникиј. Овие владици се најголемите фаворити за да влезат во потесниот круг, но исто така не треба да се исклучат неутралните варијанти како што е владиката Јустин жички, како и Јован шумадиски – брифираат нашите извори од СПЦ.
Оттаму додаваат дека во пресрет на изборот на новиот патријарх, никој од архијереите на СПЦ воопшто не се ни обидува да ја сокрие информацијата дека во игра се две лобија кои активно работат за одредени владици да седнат на тронот.
– Постојат две лобија помеѓу владиците. Едното лоби се залага за дури тројца митрополити, а тоа се бачкиот Иринеј, загрепскиот Порфириј и зворничко-тузланскиот Фотиј. Другото лоби, пак, работи во корист на дизелдорфскиот Григориј и на будимљанскиот Јоаникиј. Сепак, постои можност да се дојде до компромис помеѓу овие две групи, па на крајот да се решат да одат на трета неутрална варијанта. На пример, последниот патријарх Иринеј многу тешко влезе како трет, но потоа неговото име беше извлечено во ждрепката – објаснува нашиот соговорник.
На прашањето дали може да се очекува новиот српски патријарх да го одмрзне црковниот проблем помеѓу СПЦ и Македонската православна црква (МПЦ-ОА), нашите извори тврдат дека најдобро решение за нас би било доколку на тронот седне дизелдорфскиот владика Григориј, но сепак, додаваат тие, тој е во немилост на власта во Србија и скоро е невозможно тој да биде избран за наследник на патријархот Иринеј.
– Дефинитивно, за решавање на проблемот помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА најмногу може да придонесе владиката Григориј. Но, тој е во немилост на власта во Србија и тешко дека самата држава ќе дозволи тој да биде главен на Црквата. Но, сè е можно. Слична беше ситуацијата и со патријархот Иринеј, бидејќи никој не очекуваше тој да седне на тронот – вели нашиот извор.
Најмалку ни одговара владика Иринеј
Митрополитот дебарско-кичевски и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј, за Плусинфо вели дека за да се реши црковниот спор помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА, потребно е в четврток да биде избран патријарх кој не е оптоварен со минатото.
– Не би сакал сега да прогнозирам кој од српските владици е најразумен или најреален, сепак тоа е неблагодарна работа. Во секој случај, најмалку ни одговара бачкиот владика Иринеј, но тоа не значи дека не може тој да биде патријарх. Исто така, сметам дека не постојат никакви шанси владиката Григориј да биде избран за патријарх. Во моментов не можам да издвојам некој кандидат кој најмногу би ни одговарал во поглед на решавање на црковниот спор. Впрочем, за такви големи работи не одлучува само еден човек, туку црковниот Собор. Од друга страна, може да се случи и овојпат СПЦ да добие патријарх кој никој не го очекувал. Така беше и со патријархот Павле, а и со патријархот Иринеј. Најдобро е да почекаме до изборот и дури потоа да анализираме – истакна г. Тимотеј.
Митрополитот преспанско-пелагониски, г. Петар, смета дека во поглед на МПЦ-ОА, најдоброто решение за избор на српски патријарх е човек кој никогаш нема ништо лошо кажано за нашата црква и за нашата земја.
– Најдобро за нас е доколку за нов патријарх на СПЦ биде избран владика кој нема кажано лоши зборови за МПЦ-ОА, но и кој нема направено ништо за да ѝ нанесе големи рани на нашата црква и на нашиот народ. Се молам да не биде избран некој архиереј од радикалното крило, односно од оние кои не ја признаваат МПЦ-ОА како автокефална, односно како црква која има право на автокефалност. Најдобро би било доколку нов патријарх биде некој од владиците кои биле секогаш добро наклонети за решавање на црковниот проблем и кои немаат претензии за загрозување на нашето опстојување како македонски народ. Сè зависи од тројцата кандидати кои ќе влезат во потесниот круг, а потоа изборот ќе падне со апостолска ждрепка – изјави владиката Петар.
Во српската јавност, Григориј е доста популарен и се толкува како прогресивен карактер кој би внел доза на модернизам во СПЦ.
Замрзнат конфликт
Андреја Богдановски, докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија, за Плусинфо вели дека топката околу автокефалноста на МПЦ-ОА повторно се враќа во рацете на СПЦ.
– Поради пандемијата со коронавирусот, но и поради смртта на српскиот патријарх Иринеј, топката околу автокефалијата на МПЦ-ОА од Фанар повторно се враќа во рацете на Белград. Улогата на вселенскиот патријарх во случајов сè повеќе наликува на медијаторство во насока на помирување на Скопје и Белград. Од трите имиња со кои се шпекулира за нов српски патријарх, како најсериозен кандидат се смета владиката Иринеј (Буловиќ), но ова, според процедурата на избор со т.н. апостолски ждреб, би било неизвесно до самиот крај. Другите двајца кандидати за кои се смета дека се во потесен круг се митрополитот Порфириј (Периќ) и владиката Григориј (Ѓуриќ). Во српската јавност, Григориј е доста популарен и се толкува како прогресивен карактер кој би внел доза на модернизам во СПЦ. Неговата популарност помеѓу верниците се должи на тоа и дека важи за голем критичар на политиките на српскиот претседател Александар Вучиќ. Доколку биде избран за патријарх, Григориј би бил поблизок до Фанар отколку до Москва. За разлика од него, Иринеј (Буловиќ) е доста близок до руската црква, нималку наклонет кон македонската црква како и голем критичар на подвигот за автокефалност. И двајцата имаат искуство во преговорите со МПЦ, со тоа што Иринеј бачки има далеку поголем стаж во однос на ова прашање. Митрополитот Порфириј, како и Иринеј, се смета за близок до Вучиќ. Во биографијата на Порфириј исто стои дека бил назначен за воен епископ и координатор за соработка помеѓу СПЦ и војската на Србија – објасува Богдановски.
Тој додава дека без разлика на новото раководство на СПЦ, сепак не би било реално да се очекува некое тектонско поместување на односите со МПЦ, бидејќи, како што вели, станува збор за замрзнат конфликт.
– Со новата просрпски ориентирана влада во Црна Гора пожарот околу црногорската автокефалија во моментов е навидум изгаснат. Со изборот на новиот српски патријарх доаѓа и определен период на прилагодување на новото раководство што би било прифатено како легитимно право од страна на Вселенската патријаршија – вели Богдановски.
Патријархот не може сам
Црковниот аналитичар Георги Тасев, пак, вели дека засега е неблагодарно да се лицитира со имиња, имајќи предвид дека повеќе владици ги исполнуваат условите да бидат избрани за патријарх на СПЦ.
– Конечниот избор за патријарх на СПЦ е со ждрепка, со што се спречува политички избор. Оттука, неблагодарно е да се лицитира со имиња, имајќи предвид дека повеќе владици ги исполнуваат условите да бидат бирани. Иако изборот на поглавар е секогаш посебен настан за црквата, сепак, тој не значи дека мора да биде посебен и во однос преговорите со МПЦ-ОА. Тие се одамна поставени на здрава еклисиолошка и канонска основа и не верувам дека кој било нов поглавар, многу ќе отстапи од позицијата на неговите претходници. Значи, за очекување е од новиот патријарх, нов импулс за конструктивно продолжување на преговорите со МПЦ-ОА, но исто така, за очекување е и дека патријархот не може самиот без Соборот, конечно да влијае врз исходот на истите. Сега е присутна и Православната охридска архиепископија (ПОА) од која веќе зависат многу нешта, а тука е, споменав, и Соборот на СПЦ – вели Тасев.
Сепак, најодговорна во целиот процес е МПЦ-ОА, додава тој, зашто таа ги има создадено проблемите кои се предмет на тие преговори, и дополнително си ја усложнува позицијата преку екскурзиите, те со Бугарската православна црква, те со Цариградската црква, од кои ништо не постигна, освен што се покажа крајно незрела во очите на православниот свет.
– Кога МПЦ-ОА ќе сфати дека екскурзиите не даваат плод, тогаш ќе разбере и дека без разлика кој и да е српски патријарх, сигурно ќе ѝ помогне врз црковни основи и на сеправославно ниво да си го реши проблемот со непризнатоста, за разлика од постапката на Цариградскиот патријарх со т.н. Украинска црква, која не наиде на сеправославно одобрување. Верувам дека и МПЦ-ОА не бара такво еднострано признавање – вели Тасев.