СЕДУМ СЛУЧАИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО Четири лица приведени во последното деноноќие

Во Скопје, Куманово, Битола и Росоман полицијата интервенирала по серија пријави за семејно насилство.

64

Четири лица се приведени поради семејно насилство во изминатото деноноќие, а полицијата регистрирала вкупно седум случаи низ државата, соопшти Министерство за внатрешни работи.

Најсериозниот инцидент се случил во скопската населба Гази Баба, каде 53-годишен маж со секира ги кршел прозорците од домот, а потоа со нож му се заканувал на својот син. Кога пристигнала полицијата, тој замавнувал со ножот и им упатувал закани, по што бил лишен од слобода.






Во друг случај, 32-годишна жена пријавила дека била физички нападната од сопругот во семејниот дом во скопско. Уште една 23-годишна жена пријавила дека во населбата Драчево била нападната од својот вонбрачен партнер, при што навела дека подолг период трпела физичко и психичко малтретирање и од него и од членови на неговото семејство.

Семејно насилство било пријавено и во Куманово, каде 33-годишна жена пријавила напад од сопругот, а полицијата подоцна привела 53-годишен маж кој физички ја нападнал својата 77-годишна мајка.

Во Битола, 40-годишен маж бил приведен откако упатувал закани кон сопругата со која бил во бракоразводна постапка.

Полицијата интервенирала и во Росоман, каде 46-годишна жена била приведена поради закани кон нејзината 81-годишна свекрва.

Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи и по нивното документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Поврзани содржини