Седнете некогаш во некој ќош
За кратко време ќе ви стане совршено јасно каде живеете и со кого живеете, а ако сте барем малку нормални, тогаш сигурно ќе почне да ви се гади од неправдите, од корупцијата, бркањето врски, подмитувањето, шепотењето во друштво, тутнувањето чоколади и 200-грамски кафиња во џебовите на оние кои земаат плата од наша плата.
Ако некогаш ви е досадно во животот или од некоја непозната причина баш тој ден се чувствувате радосно, појдете до најблиската институција дури и без да имате некаква работа што треба да ја завршите таму.
Доволно е само да седнете во некој ќош и да почнете да фаќате белешки.
Почнете да ги набљудувате вработените, почнете да наслушувате разговори на граѓани кои си имаат некаква мака, почнете да ги следите гримасите на вработените, почнете да ја препознавате тешкотијата во гласот на граѓаните…
За кратко време ќе ви стане совршено јасно каде живеете и со кого живеете, а ако сте барем малку нормални, тогаш сигурно ќе почне да ви се гади од неправдите, од корупцијата, бркањето врски, подмитувањето, шепотењето во друштво, тутнувањето чоколади и 200-грамски кафиња во џебовите на оние кои земаат плата од наша плата.
Ќе почне да ви се враќа храната што синоќа сте ја изеле за вечера. Ќе почнете да преживарате како говедо и да подголтнувате како риба на суво.
Во случај, пак, да не сте нормални, само ќе добиете уште една потврда дека живеете во еднакво општество за сите, дека сите институции совршено функционираат, дека е супер финта ако се сликаш со лавовите на плоштад, дека давањето 200-грамско кафе на вработените во државната интитуција е нормална работа и дека државава ни галопира кон ЕУ и ништо не може да ја запре.
Во секој случај, седнете некогаш во некој ќош…