„СЕДИ ДОМА И СИ ПИЕ ЧАЈ“ Димитриевски вели дека куќниот притвор за Груби е преседан
Лидерот на ЗНАМ бара објаснување од безбедносните служби и порачува дека партијата нема да влезе во влада со „нереформираната“ ДУИ.
Недозволиво е Артан Груби да биде во куќен притвор, оцени вечерва претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Во гостување на Телевизија Сител, Димитриевски истакна дека ЗНАМ има одлични односи со коалициските партнери и дека со премиерот сè уште не разговарал за евентуална реконструкција на Владата, ниту за ресори или конкретни имиња. Тој додаде дека е апсолутно задоволен од двајцата свои министри, за правда и за јавна администрација, кои, како што нагласи, се максимално посветени на реформите.
Лидерот на ЗНАМ е дециден дека партијата нема да прифати учество во влада во која би била дел, како што рече, „нереформираната“ Демократска унија за интеграција.
– Граѓаните мора да бидат исти пред законот, а Македонија како држава треба да се постави многу сериозно пред сите предизвици и не смееме да гледаме репризи. За преседанот со Груби министерот испрати јасна порака до судско-обвинителската власт, зашто видовме дека се случи реприза на многу такви случаи во минатото. Ако имате личност која побегнала од државата, а во меѓувреме известувала дека отишла да се прошета и ви се враќа по месеци, недозволиво е да ја ставите во куќен притвор, а од друга страна да гледате луѓе во притвор за многу мали квалификации на кривични дела – порача Димитриевски, осврнувајќи се на барањето на министерот за правда, Игор Филков, до МВР и АНБ да објават како процениле дека Груби не е безбеден во притвор.
Според него, имало недоразбирање на релација меѓу институцијата за извршување притвор и безбедносните служби и тие треба да дадат јасен одговор, додека министерот постапил согласно своите овластувања.
– Видовме само една реприза, играње тенис пред јавноста, судот се повика на обвинителството, а обвинителството на судот. Груби моментно е во куќен притвор, седи дома и си пие чај. Дали јавноста се согласува со такво нешто или не? Ако ние сме држава што не може да обезбеди безбедност на некој граѓанин, тогаш се поставува сериозен знак прашалник дали можеме да гарантираме безбедност на поединец што е на функција. Неприфатлив е ваков одговор. Груби требаше да оди таму каде што е пропишано во истражниот затвор Шуто Оризари, но не сакам да се впуштам во коментирање судска одлука. Во државата мора да има правда и за Груби и за секој друг поединец. Груби побегна во странство за да си даде луфта од 14 месеци, па се врати. Првично обвинителот предложил и доставил докази за одлуката куќен притвор, тука се и безбедносните служби. Јас немам увид во документацијата, но постојат институции и личности кои можат да ги добијат доказите, едни од нив се РСС и Советот на јавни обвинители – рече Димитриевски.
На прашањето за евентуални предвремени избори, тој посочи дека тоа треба да се адресира до премиерот.
– Ние сме секогаш подготвени за избори, но ќе си ја премериме нашата тежина – порача Димитриевски.
Во однос на случувањата на Блискиот Исток, претседателот на ЗНАМ оцени дека веќе има и допрва ќе има економски последици.
– Ние треба да се држиме до партнерите во НАТО и нашите стратешки партнери и да ги заштитиме нашите граѓани во регионот на Блискиот Исток, со кои јас, како градоначалник, одржувам редовни контакти – истакна Димитриевски.