СЕБИЧНОСТА НА САД Некои кубурат за прва доза, а Америка уништува милиони вакцини
Најмалку 15 милиони дози беа уништени во периодот од март до септември, според анализата на Американската администрација за храна и лекови.
Милиони дози вакцини против ковид-19 ќе бидат уништени или се уништени во Соединетите држави во услови на глобален недостаток на вакцини против вирусот, пишува Гардијан. Плановите на властите во земјата дека секој Американец ќе сака да добие вакцина не се остварија, посочува весникот.
Уште летото, повеќето од вакцините против коронавирусот почнаа да истекуваат.
Најмалку 15 милиони дози беа уништени во периодот од март до септември, според анализата на Американската администрација за храна и лекови. Одделна студија покажа дека 1 милион дози биле уништени во 10 американски држави помеѓу декември и јули.
Луизијана, на пример, уништи 224.000 неискористени дози вакцини, стапка што скоро тројно се зголеми од крајот на јули. Илјадници дози се уништуваат секој ден во Висконсин. Повеќе од 65.000 дози се уништени во Алабама и речиси 200.000 во Тенеси.
Веста доаѓа во услови на глобален глад за вакцини, додека милиони луѓе ширум светот ги чекаат нивните први дози. Само 1% од населението на сиромашните земји добиле една доза од ковид-вакцината од јули, во споредба со повеќе од половина од населението на богатите земји.
Многу од уништените дози доаѓаат од аптеките – сега најмалку 7,6 милиони дози се уништени од четири големи аптеки: „Walgreens“, „CVS“, „Walmart“ и „Rite Aid“.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден инсистира американските резерви на вакцини да се користат за зголемени дози или таканаречените „бустер“ дози.
Производителите на вакцини веќе развиваат опции за намалување на бројот на дози во една вијала од препаратот.