СЕ ЗГОЛЕМУВА ШТЕДЕЊЕТО ВО ДЕНАРИ Тоа е последица на порастот на каматните стапки, вели вицегувернерката

Нацеска информира дека во септември растот на депозитите изнесувал 3,4 проценти на годишно ниво, а тој раст главно е последица на растот на депозитите кај секторот домаќинства од 5,3 проценти

58

Во последните месеци може да се забележи нагорно придвижување на каматните стапки за денарските депозити, вели вицегувернерката на Народната банка Емилија Нацеска.

– Потребно е време за соодветни ефекти од затегнувањето на монетарната политика, особено ако истото се одвива постепено, во услови на отсуство на значителни притисоци на страната на побарувачката и во насока на задржување на стабилноста. Сепак, веќе во последните месеци, може да се забележи нагорно придвижување на каматните стапки за денарските депозити – вели Нацевска во интервју за Банкарство.мк.






Таа истакнува дека за одржување на среднорочната ценовна стабилност, централните банки на скоро сите економии во светот работат на стабилизирање на инфлациските очекувања предизвикани од тековната глобална криза, преку затегнување на монетарната политика, односно со покачувањето на основната камата, со што делуваат врз притисоците од страната на побарувачката.

Таа додава дека зголемувањето на основната каматна стапка е дополнето и со мерки за промени во системот на задолжителна резерва, заради поттикнување на денаризацијата, односно штедењето во денари. Вицегувернерката во интервјуто ја нагласува и сигурноста што за економските субјекти и за населението ја нуди долго применуваната стратегија на стабилен номинален курс на денарот во однос на еврото.

– Мерките со корекција на задолжителната резерва заради поголема денаризација и повисоки каматни стапки за денарски депозити би придонесле за зголемено штедење во денари. Се очекува дека на среден рок ќе продолжи трендот на раст на депозитите, вели вицегувернерката.

Таа информира дека во септември растот на депозитите изнесувал 3,4 проценти на годишно ниво, а тој раст главно е последица на растот на депозитите кај секторот домаќинства од 5,3 проценти.

Поврзани содржини