Се затвораат фитнес-центрите, забрана за гости во обложувалниците
Се забранува огранизирање и одржување и учество на секаков вид на семинари, обуки, работилници, крусеви, конференции и други настани од ваков вид почнувајќи од 06 па се до 20 април оваа година – рече Заев.
Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција соопшти дека се забранува работата на фитнес клубовите (од 06 до 20 април), одржувањето на конференции и обуки (од 06 до 20 април), како и на обложувалниците од 07 до 20 април.
– Целосна забрана за гости во сите обложувалници, односно приемот на посетителите и работата на обложувалниците да биде овозможена исклучиво преку вршење на шалтерска услуга, односно угостителскиот објект, дел во обложувалниците и казината, да биде затворен за посетители – истакна Заев.
Премиерот соопшти дека се забранува посетата на сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање почнувајќи од 06 април, па се до 20 април.
– Се забранува огранизирање и одржување и учество на секаков вид на семинари, обуки, работилници, крусеви, конференции и други настани од ваков вид почнувајќи од 06 па се до 20 април оваа година – рече Заев.
Тој вели дека на земјоделците им се овозможува движење врз основа на дозволите од подрачните единици и општинските кризни штабови до пазарите и назад од пазарите.
– За време на забраната за движење, сите граѓани кои живеаат во стамбени објекти за колективно домување и што имаат домашни миленичиња (куче) да може да ги изнесуваат надвор од своите домови во вечерните часови во време траење од еден час од 22 до 23 часот и најмногу до 10 метри од местото на живеење – вели премиерот.
Тој истакна дека останува на сила строгата забрана за групирање за повеќе од четири граѓани со зајакнати инспекции и контроли.