Ѝ СЕ ЗАГЛАВИЛ РАНЕЦОТ ВО КАБИНАТА НА ЖИЧАРАТА, ПОЧИНАЛА Драма во популарен ски-центар

Според наводите на полицијата, 22-годишна туристка доживеала срцев застој и итно била пренесена во болница, каде што подоцна починала.

520

Австралиска сноубордерка трагично го загуби животот за време на престој во Јапонија, по несреќа на жичара во популарниот ски-центар Цугаике Маунтин Ресорт, во долината Хакуба. Несреќата се случила во петокот, откако нејзиниот ранец се заглавил во скијачката жичара, поради што таа останала да виси во воздух, пишува Си-Ен-Ен.

Според јапонската полиција, 22-годишната туристка доживеала срцев застој и итно била пренесена во болница, каде што подоцна починала. Операторот на жичарата соопшти дека ременот од ранецот, кој бил прицврстен околу половината, се заплеткал за седиштето, а бидејќи ранецот бил закопчан, не се одвоил од телото при симнувањето.






Вработените во ски-центарот веднаш ја запреле жичарата и ѝ укажале прва помош, но и покрај брзата реакција, на девојката ѝ немало спас. Компанијата што управува со жичарата изрази сочувство до семејството на настраданата туристка и најави зајакнување на безбедносните мерки.

Австралиското Министерство за надворешни работи ја потврди смртта на својата државјанка во Јапонија и соопшти дека на семејството му се обезбедува конзуларна помош. Инаку, Јапонија важи за една од најпопуларните азиски дестинации за зимски спортови, особено меѓу странските туристи.

Поврзани содржини