СЕ ВЖЕШТИ АТМОСФЕРАТА НА СУДЕЊЕТО ЗА ПЕНДИКОВ Адвокатите на Спасески ја напуштија судницата, судијата го одложи рочиштето за последен пат
Пендиков одново се пожали оти имал повреди. Наспроти претходните тврдења дека се плаши да се врати во Македонија, сега порача: „Не се плашам“. Кога новинарите го прашаа дали беше неопходно од неговиот случај да се прави политика – тој се насмевна и одби да одговори.
Уште не почнато се одложи судењето за нападот на сега веќе укинатото бугарското здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид, откако во судницата се случи мала драма, по што адвокатите на обвинетиот Илија Спасески ја напушти судницата.
Од охридското Обвинителство беше приложен нов доказ против обвинетиот Илија Спасески. Одбраната на Спасески побара одлагање на рочиштето за да се проучи овој доказ, но судијата Бојан Мартиноски не дозволи. Поради ова, адвокатите на обвинетиот ја напуштија салата, а судењето без нив не можеше да продолжи.
Во судницата остана првообвинетиот Илија Спасески кој рече дека сака да се брани со адвокат и побара одлагање.
– На обвинетиот Илија Спасески му се дава поука дека доколку на следното рочиште не ангажира адвокат, истото ќе се одржи, а истото ќе се одржи и ако новоангажираните бранители на ист ваков начин ја напуштат седницата.
Претходно адвокатот Димитрија Цобоски рече дека им е потребно време за проучување на дополнителното вештачење, евентуално ангажирање на технички советник, за потоа да се произнесат.
– Ова го барам бидејќи при сослушување на оштетениот Пендиков, ќе зависат и прашања во однос на констатирани повреди – рече адвокатот Димитрија Цобoски.
– Неосновано е барањето за одлагање на сослушување на сведоците, особено што оштетениот специјално дојде од Бугарија – рече обвинителката од ОЈО-Охрид.
– Таа заборава дека Пендиков е и македонски државјанин, дека има обврска да се јавува во судот доброволно. Тоа што моментално престојува во Бугарија е негов проблем. Не е тоа проблем на судот и одбраната – врати адвокатот.
– Се одбива предлогот. Ако се укаже потреба за повторно повикување на оштетениот, по оценка на судот, тој повторно ќе биде повикан. Поради начелата за ефикасност, продолжуваме – рече судијата Бојан Мартиноски.
– Со ова се кршат правата на обвинетиот. Поради ова ќе ја напуштам судницата – рече адвокатот Димитрија Цобoски.
– На обвинетиот Илија Спасески му се дава поука дека доколку на следното рочиште не ангажира адвокат, истото ќе се одржи, а истото ќе се одржи и ако новоангажираните бранители на ист ваков начин ја напуштат седницата – рече судијата Мартиноски.
Вчера, Пендиков изјава даваше и пред охридското Обвинителство кое води постапка и против битолчанец, а поради нападот врз него. Тој доаѓа од Бугарија откако таму беше однесен со специјален авион на лекување. Во меѓувреме, доби и бугарско државјанство со највисоки почести. Пендиков, беше и секретар во бугарското здружение „Цар Борис III“ во Охрид.
Рочиштето е одложено за 12 јули.
Прва изјава на Пендиков за македонските медиуми
Христијан Пендиков застана пред македонски новинари, но адвокатот Стефан Карамишевски не му дозволи да одговара на прашања кои не се поврзани со здравствената состојба. Пендиков одново се пожали оти имал повреди. Наспроти претходните тврдења дека се плаши да се врати во Македонија, сега порача: „Не се плашам“. Кога новинарите го прашаа дали беше неопходно од неговиот случај да се прави политика – тој се насмевна и одби да одговори.
– Сега сум подобар, имам сѐ уште прегледи кои ми следуваат, имам два пукнати пршлени. Се надевам дека ќе можам да патувам на 12 јули – кажа Пендиков.
Се пожали оти му се закануваат, но не кажа дали ова го пријавил во полиција како што направи со претходниот случај.
– Лично да се плашам, не се плашам. Ама не е убаво чувството да добивате по 20-30 смртни закани со пцуење, на Фејсбук, месинџер, да се читаш во коментари – додаде тој.