СЕ ВРШАТ РАЗГОВОРИ СО ПРИВЕДЕНИТЕ ЗА ПОЖАРОТ Ќе се прави обдукција на секој загинат

Утрово е формиран Оперативен штаб од каде се дадени упатства до сите клиники и болници каде што се пренесени повредени лица, по нивна идентификација да бидат извесени семејствата, а потоа да се направи обдукција.

584

Министертвото за внатрешни работи веќе има приведено лица во врска со пожарот во Кочани, во којшто загина 51 лице, а околу 100 се повредени, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Уверува дека секој оној за којшто ќе се утврди одговорност ќе биде приведен.

– Дел од лицата се приведени и се врши разговор со нив, дел од лицата кои се организатори на настанот се повредени во рамки на оваа катастрофална несреќа – рече Тошковски, додавајќи дека цел тим обвинители се во Кочани.






Дежурен јавен обвинител веќе е излезен на лице место.

Тој уверува дека одговорност ќе има и дека секој вклучувајќи и поранешни и сегашни функционери треба да чувствуваат морална одговорност поради несреќата. Сите нормални луѓе, вели тој, треба да чувствуваат морална одговорност.

– Сакам да ја уверам македонската јавност дека во овој случај ќе се утврди точна одговорност со име и презиме – рече Тошковски.

Министерот на првата прес-конференција по несреќата не посочи колку лица до утрово се приведени.

– Имајте разбирање. Во овој момент мислам дека најбитно е да ги утврдиме сите факти и докази кои ни се потребни за да може сите процесни дејствија да бидат преземени соодветно. Да изразиме сочувство на роднините на загинатите и да бидеме смирени во насока на преземање на сите чекори за вакво нешто никогаш да не се повтори – изјави Тошковски.

Тој информираше дека преку Оперативниот штаб, кој е формиран утрово, е дадено упатство до сите клиники и болници каде што има пренесено лица, по идентификација на загинатите лица да бидат извесени семејствата. Исто така Тошковски кажа и дека мора да се изврши обдукација на секое починато лице.

– Починати лица има во повеќе болници. По идентификацијата ќе бидат однесени на одбукција во Скопје – рече министерот.

Во Кочани, тој пристигнал околу пет часот утрово, а таму се и премиерот Христијан Мицкоски, директорот на Центарот за управување со кризи, директорот на Бирото за јавна безбедност.

Поврзани содржини