СЕ ВРАТИЈА ВО КЛУПИТЕ, НО НЕ МОЖАТ ДА СЕ ВРАТАТ ВО ФОРМА Со грч во стомакот се соочуваат со секој школски ден
Наставниците во основните и средните училишта се жалат дека образованието ни е на најниски можни гранки, па после година и пол настава од дома, сега мораат да го симнуваат нивото и под притисок од директорите и родителите, за знаењето на учениците кое претходно го оценувале со тројка, сега да делат незаслужени петки.
Минатата година кога наставата во училиштата се одвиваше онлајн, се прашувавме за тоа какви последици ќе има несоцијализацијата, неспортувањето, физичкото отсуство од училиште врз менталното здравје и врз развојот на децата и на учениците. Денес веќе ги гледаме последиците и можеме да констатираме: учениците се вратија во клупите, ама не се вратија во форма.
Родителите на децата кои се во основните и во средните училишта се жалат дека децата немаат сила да продолжат таму кадешто застанаа. Наеднаш не можат ништо да постигнат и сè им е тешко. Се откажуваат од воншколските активности на кои претходно оделе, затоа што не стасуваат да си ги завршат ниту школските.
Наставниците се жалат на условите во оние училишта во кои наставата се одвива со физичко присуство, исплашени се и за своето и за здравјето на децата, а велат дека сега короната е постојано изговор за сите лоши резултати.
– Пандемијата и наставата на далечина оставија сериозен печат врз целокупната добросостојба на младите. Последиците се воочливи на сите полиња. Во однос на наставата и училишниот живот, она што најпрво се забележува е дека учениците имаат проблем со усвојување на нови знаења. Тешко задржуваат фокус на внимание и концентрација на внимание. Во однос на усвојување на содржините, според тежински нивоа, се забележува дека учениците потешко усвојуваат материјал на тежинско ниво што соодветствувало на нивната возраст пред пандемијата. Често, наставниците имаат потреба да го снижат и прилагодат нивото. Мотивацијата кај учениците е опадната, тие се чувствуваат апатично и незаинтересирано за училишните постигнувања – вели училишниот психолог од скопската гимназија „Орце Николов“ Ана Попризова, која е и претседателка на Активот на стручните служби на средните училишта на Град Скопје.
Целиот текст прочитајте го на порталот „Мајка и дете“.
Фото: Unsplash