СЕ ВРАТИЈА СКИЈАЧИТЕ ВО МАВРОВО И НА ШАПКА Мора да се резервира една недела однапред

Приватните и хотелските сместувачки капацитети се пополнети до крајот на јануари, а освен домашни има и гости од регионот.

1,585

Снежната покривка која на Маврово денеска изнесува 39 сантиметри, на Попова Шапка 31 и во Крушево 13, како и добрите услови за скијање ги наполнија домашните зимски туристички центри. Сезоната добро почна, велат туристичките работници, но како ќе биде натаму ќе зависи од мерките и развојот на пандемијата.

Приватните и хотелските сместувачки капацитети се пополнети до крајот на јануари, а освен домашни гости има и гости од регионот.






– Маврово овој викенд е преполно и тешко може да се најде слободно место. Едвај обезбедивме две соби за наши клиенти. Хотелските капацитети и приватните сместувања во овој скијачки центар и годинава се резервираат однапред и тешко може да се најде место за викенд – вели Нехар Селим од туристичката агенција „Нехар травел“.

За овој ски-центар голем интерес има од љубители на скијањето од Албанија и од Косово.

Од ски-центарот Попова Шапка каде што скијачката сезона почна од средината на декември велат дека имаат обезбедено услови за непречено и безбедно скијање. Сезоната почна добро, но по олабавувањето на мерките во Србија интересот за овој ски-центар е намален.

Извршниот директор на „ЕЛЕМ Турс“ Живе Алексовски вели дека Попова Шапка како никогаш досега е подготвена за скијачите и за посетителите.

– Направивме редовни технички подготовки и активности за новата ски-сезона. Во функција се и жичарниците „Св. Илија“, „Церипашина“ и сите 5 ски-лифтови. На барање на скијачите обезбедивме и ноќно осветлување за 1.000 метри скијачки терени, тоалети, како и бачила во кои скијачите можат да консумираат топли напитоци и храна. Имаме и други содржини кои треба да им обезбедат пријатен престој во овој ски-центар. Сезоната почна добро и има интерес за престој во хотелите, но викенд посетителите се многу побројни – вели Алексовски.

Тој вели дека проблемот со паркирањето кој е најактуелен за време на викендите кога посетеноста на ски-центарот е поголема се решава.

– Капацитетот на јавните паркинзи кои се надвор од ски-центарот и паркинзите во близина на хотелите во рамки на ски-центарот е околу 800 автомобили, но не ги задоволуваат потребите и секој викенд имаме проблеми. Моментно проблемот го надминуваме со паркирање на автомобилите на една лента од патот и со превоз на патниците со 3 наши комбиња. Тоа го вршиме бесплатно само за да им обезбедиме пристап на гостите до терените – вели Алексовски.

Во Берово иако нема скијачки терени, сепак, хотелите се исполнети главно со деца кои се на зимски распуст.

– „Аурора ресорт“ овој месец е исполнет со 90 отсто и тоа се главно деца кои се на зимски одмор. Годинава добро почна, но поради коронавирусот резервациите се вршат една недела пред да дојдат гостите во хотелот и за периодот што следува не можеме да кажеме како ќе биде. Очекуваме оваа година да биде подобра минатата – вели Славе Сирачевски од „Аурора турс“.

Тој додава дека иако е зголемен интересот кај домашните туристи за овој и за другите планински центри, сепак има и одложувања поради коронавирусот.

– Поради коронавирусот и резервациите се прават една недела или неколку дена пред да почне аранжманот. Веќе граѓаните не ризикуваат со однапред платени аранжмани, но и покрај тоа имаме одложувања во последен момент – додава тој.

Туристичките работници велат дека полека, но почнува да се враќа туризмот во земјава, а и интересот за патување во странство се зголемува.

Поврзани содржини