СЕ ВРАЌАМЕ НА ИНВЕСТИЦИСКАТА МАПА Поставен камен темелник за фабрика за батерии за автомобили во Кичево
Во првата фаза инвестицијата изнесува 10 милиони евра, со вработување на 150 до 200 лица со цел да достигне околу 600 вработувања и инвестиција од 40 милиони евра во наредниот период.
Белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“ која е дел од белгиската компанија „Avesta“, денеска почна со изградба на нова фабрика во ТИРЗ Кичево за производство на батерии за автомобилската индустрија.
Договорот за новата инвестиција е 40 милиони евра со 600 вработувања.
– Во првата фаза инвестицијата изнесува 10 милиони евра, со вработување на 150 до 200 лица, со цел да достигне околу 600 вработувања и инвестиција од 40 милиони евра во наредниот период. Објектот ќе биде готов следната година. Извозот е планиран на 50 милиони евра во правата година, а за 7 до 8 години треба да се зголеми за 10 пати на 500 до 600 милиони евра – изјави извршниот директор на компанијата Александар Голановски.
Премиерот Христијан Мицкоски кој присуствуваше на поставувањето на камен темелникот на новата фабрика рече дека очекува покрај во наредниот период инвеститорот да ја прошири инвестицијата во нов производен погон.
– Убеден сум дека инвеститорот нема тука да застане. Инвестицискиот циклус ќе го продолжи со уште една инвестиција. Исто така ќе следат и други инвестиции. И знаете дека оваа година очекуваме да ја завршиме со повеќе од 1 милијарда евра инвестиции и ќе бидеме најдобри во регионот со инвестиции по глава на жител и се враќаме на мапата на инвеститорите од која бевме излезени изминатите години – рече Мицкоски.