СЕ ВКЛУЧИ АЛАРМОТ НА СИСТЕМОТ ЗА СЛЕДЕЊЕ Јапонија го запре рестартирањето на најголемата нуклеарка во светот

Централата Кашивазаки-Карива е надвор од работа од катастрофата во Фукушима во 2011 година, а процесот на рестартирање започна завчера откако доби конечно одобрение од нуклеарниот регулатор.

870

Рестартирањето на најголемата нуклеарна централа во светот е прекинато, само еден ден откако беше пуштена во производство по речиси 14 години. Операторот на централата, „Токио Електрик Пауер Компани“ (Тепко), објави дека не знае кога ќе биде решен проблемот.

Централата Кашивазаки-Карива е надвор од работа од катастрофата во Фукушима во 2011 година, а процесот на рестартирање започна завчера откако доби конечно одобрение од нуклеарниот регулатор.






„Тепко“ вчера објави дека „се вклучил алармот од системот за следење за време на процедурите за стартување на реакторот“, што предизвикало прекин на операциите.

-Не очекуваме ова да се реши за еден или два дена. Во моментов, нема информации колку време ќе трае. Засега, целосно ќе се фокусираме на обидот да ја идентификуваме причината за тоа што се случило – изјави менаџерот на локацијата, Такејуки Инагаки, на прес-конференција.

Портпаролот Такаши Кобајаши објасни за агенцијата АФП дека „откако стана јасно дека ќе биде потребно време, тие одлучија повторно да ги вметнат контролните прачки како што беше планирано“, додавајќи дека реакторот „е стабилен и нема радиоактивно влијание однадвор“.

Контролните прачки се уреди што се користат за контрола на нуклеарната верижна реакција во јадрото на реакторот. Нивното вадење ја забрзува реакцијата, додека нивното вметнување ја забавува или целосно ја запира.

Кашивазаки-Карива е најголемата нуклеарна централа во светот според потенцијалниот капацитет, иако само еден од нејзините седум реактори сега е рестартиран.

Централата беше затворена во 2011 година кога Јапонија се откажа од нуклеарната енергија по силниот земјотрес и цунамито што предизвикаа топење на три реактори во електраната Фукушима.

Нејзиното рестартирање е проследено со реакции на граѓаните кои не сакаат нуклеарката на проработи. Според анкетата спроведена во септември минатата година, околу 60% од жителите се противат на рестартирањето, додека 37% од жителите го поддржуваат.

Поврзани содржини